Се отвора и дополнително ковид-одделение во „8 Септември“, а во состојба на готовност се ставени и други јавни здравствени установи во Скопје
Комисијата за заразни болести препорача наставата во второто полугодие да се одвива со физичко присуство за сите ученици, со доследно почитување на превентивните мерки и протоколите
Дел од скопските клиники повторно ќе работат како ковид-центри, а се отвора и дополнителен ковид-оддел во болницата „8 Септември“ поради влошената епидемиолошка состојба во земјава и порастот на бројот на заразени, но и на хоспитализирани поради коронавирус.
Министерството за здравство извести за оваа одлука по состанок на Комисијата за заразни болести, на кој присуствувал и министерот за здравство Беким Сали. На состанокот била разгледана актуелната епидемиолошка состојба со ковид–19 во земјава.
„Поради континуираниот пораст на бројот на новозаболени и со цел проширување на болничките капацитети, Комисијата препорача клиниките кои претходно работеа како ковид-центри во рамки на првата фаза – Клиниката за кожни болести и Клиниката за неврологија во Скопје, во наредните денови да продолжат со работа како ковид-центри и да се отвори дополнителен ковид-оддел во ГОБ ‚8 Септември’. Сите три јавни здравствени установи веднаш се известени за преземање на сите неопходни активности“,
соопштија од Министерството за здравство.
Согласно дневните извештаи од инфективните одделенија и ковид-центрите, моментно се хоспитализирани вкупно 573 лица, од кои 180 во Скопје и 393 на инфективни одделенија во државата.
Министерството за здравство ги задолжи универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата „Козле-Скопје“ и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, при зголемување на бројот на новозаболени, а на кои им е потребна хоспитализација да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман на пациентите болни од ковид-19.
Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат лица – среден медицински кадар (медицински сестри и болничари) за вклучување во работата на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Исто така, како што соопштуваат од МЗ, Комисијата за заразни болести, следејќи ја епидемиолошката состојба, препорача наставата во второто полугодие од учебната 2021–2022 година да се одвива со физичко присуство за сите ученици во основно и средно образование, со доследно почитување на превентивните мерки и протоколи.
Претходно, министерот за образование Јетон Шакири изјави дека одлуката за тоа како ќе се одвива наставата во второто полугодие ќе се донесе до крајот на неделава, а ќе се земат предвид и препораките на УНИЦЕФ и на другите институции, но и епидемиолошката состојба.
Во Македонија вчера беа регистрирани 21 смртен случај и 2 341 позитивни на коронавирус или 38 отсто од тестираните. Заклучно со вчера, вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 259 328, бројот на оздравени пациенти е 230 206, на починати е 8 266, а бројот на активни случаи изнесува 20 856.