Алијанса за Албанците и Алтернатива се „за“ средба на сите партии од албанскиот блок во земјава со албанскиот премиер Еди Рама, но, како што јавува Алсат, лидерот на БЕСА, Билал Касами, не сака да седне на иста маса со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети.
„Ние како Беса воопшто немаме дилема во однос на политичките цели во корист на интересите на Албанците во Република Северна Македонија од страна на премиерот на Република Албанија, г. Еди Рама. Наша грижа е со целите и политичките трикови на ДУИ и Али Ахмети. Ние како Беса позитивно одговараме на поканата на премиерот Еди Рама, но немаме потреба и не гледаме за разумно да седиме на маса со ДУИ на Али Ахмети секогаш кога тој треба да се спаси“,
изјави Фарук Авзиу, портпарол на Беса.
Од ДУИ сѐ уште не се изјасниле за поканата на Рама.
Агенцијата „Журнал“ вчера јави дека Рама ги поканил лидерите на политичките партии на Албанците од земјава на неформална средба во вторник. Поканети се лидерот на ДУИ Али Ахмети, на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, на Движењето Беса, Билал Касами, на Алтернатива Африм Гаши и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.
Причините за средба не се соопштуваат во поканата на Рама, но, како што објавува Алсат, на средбата фокусот ќе биде на поддршката за уставните измени и евроинтегративните реформи.