Според ВМРО-ДПМНЕ, предлогот за нови министри и заменици во Владата е вистинска „Пазар 3“-листа за спас на владата на Ахмети и Ковачевски, продолжување на рокот за криминал, тендери, кризи и порази за Македонија
Од Алијанса за Албанците вчера им порачаа на ВМРО-ДПМНЕ дека се партија на монтирани случаи и дека не смеат ниту со прст да покажат кон предложените кадри. Од СДСМ, пак, утрово посочија дека обезбедиле поголемо парламенатарно мнозинство за реформи, економски политики и забрзана интеграција на државата во ЕУ
ВМРО-ДПМНЕ го прашува премиерот Димитар Ковачевски дали референцата на Азир Алиу како советник на поранешиот премиер Никола Груевски е пресудна за тој да биде поставен за министер за информатичко општество и администрација?
„Ковачевски би требало да каже дали токму референцата дека бил советник на премиер во владата на ВМРО-ДПМНЕ е пресудна за Азир Алиу да биде поставен за министер за администрација“,
кажа на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Прозивката на ВМРО-ДПМНЕ кон премиерот Ковачевски доаѓа откако вчера „360 степени“ објави дека Азир Алиу – кандидатот за министер за информатичко општество и администрација од редовите на Алијанса за Албанците, бил советник на Никола Груевски додека тој беше шеф на Владата.
Ова го пишува и во неговата биографија, во која, меѓу другото, Алиу навел дека од 2013 до 2017 година работел како советник за високо образование, наука и ИКТ во кабинетот на премиерот. А, премиер во тој период беше Никола Груевски, кој во меѓувреме, за да не оди во затвор, побегна во Унгарија.
Инаку, втор ден ВМРО-ДПМНЕ ги проблематизира предлозите за владина реконструкција откако премиерот Димитар Ковачевски веќе ги испрати до парламентот, по што беше закажана и седница за разрешување и избор за утре во 15 часот.
Според ВМРО-ДПМНЕ, предлогот за нови министри и заменици во Владата е вистинска „Пазар 3“-листа за спас на владата на Ахмети и Ковачевски, продолжување на рокот за криминал, тендери, кризи и порази за Македонија.
Оттаму велат дека ќе бараат Ковачевски да ги образложи предлозите, но инсистираат и на одговор на нивните прашања.
„Дали за министер за правда го предлага Кренар Лога, брат на Крешник Лога, со кривична пријава за убиство на Дилавер Бојку од 2020 година, за убиство и убиство во обид? Ковачевски мора да објасни и како за заменик-министерка за правда ја предлага Викторија Аврамовска-Мадиќ кога за неа има поднесено кривична пријава до ОЈО за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата, тешка 75 илјади евра, но и да објасни како додека таа е генерален секретар на Скопје, зетот од сестра добива над 4 милиони евра, како познатите скали од фирмата „Армор Плус“? И овие двајца треба да го водат министерство за правда и да ја исправат довербата кај јавноста од само 3%“,
кажа Стоилковски.
ВМРО-ДПМНЕ ги проблематизира и предлозите во здравство.
„Ковачевски треба да објасни дали за министер за здравство го предлага Фатмир Меџити и дали е тоа истиот доктор којшто е конфликтен, корумпиран, дали е поврзан со скандали со шверц на лекови, претседател на УО на ФЗОМ во време на скандали, а функцијата ја добива само поради кумашинската врска со Арбен Таравари? Ковачевски треба да каже дали Маја Манолева што ја предлага за заменичка за здравство е истата Маја Манолева којашто не ги почитува антикорупциските норми и ДКСК мораше јавно да ја повикува дека додека е директор на ЈЗУ Завод за физикална медицина, не може да има приватна установа ‘Физиоплус др. Манолева’ и дали немало повеќе од судир, препраќање на пациентите од јавно во приватното семејно здравство? Притоа е и потпретседател на Лекарската комора“,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
За опозицијата се спорни и останатите предлози.
„Кога станува збор за одбраната, Ковачевски мора да каже дали е по НАТО-стандарди да предлага човек којшто демонстрирал за Илирида? Односно, да каже и дали Тирон Јајага кого го предлага за заменик на Славјанка ‘Стани Цаци’ Петровска бил вратен во Македонија од мисијата во Брисел поради учество на протест за Илирида додека е член на мисијата во НАТО, а по смена на власта во 2017 г. бил помилуван за случајот? Ништо поразлично не е ако се прочепкаат и другите предложени имиња од Ковачевски, како Каја Шукова за министерка за животна средина, којашто и во 2020 во име на СДС ветуваше чист воздух, мерки, за сега дури и Берово да е загадено!
Новата заменичка во земјоделство Вјолца Бериша треба сама треба да објасни дали се помирила и ги заборавила загинатите во пожарот во модуларната болница, за што ги обвинуваше токму СДС и ДУИ и држеше пресови во кои порачуваше ‘ние нема да дозволиме рециклирање на измами и нема да ги заборавиме починатите во пожарот’. Очигледно, до министерско столче!
Ковачевски треба да објасни и за мотивите за предлог на новиот заменик-министер за образование, дали сега со полициски методи Агим Нухиу ќе го стишува револтот во образованието од немање учебници и другите поразителни скандали и зафати“,
прашуваат од партијата на Мицкоски.
Оттаму сметаат дека во услови на енергетска, економска, финансиска и должничка криза, Македонија нема да добие никаков квалитет, туку единствено се пополнуваат редовите во Собранието за задржување на тенкото мнозинство.
Од Алијанса за Албанците уште вчера им порачаа на ВМРО-ДПМНЕ дека се партија на монтирани случаи и дека не смеат ниту со прст да покажат кон предложените кадри.
Од СДСМ, пак, утрово посочија дека обезбедиле поголемо парламенатарно мнозинство за реформи, економски политики и забрзана интеграција на државата во ЕУ.