Алијанса за Албанците реагира на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, на која партискиот портпарол Наум Стоилковски, меѓу другото, кажа и дека за министер за правда се предлага братот на осомничениот за убиство на Дилавер Бојку – познатиот осуденик за нелегална проституција во селото Велешта, Струшко.
Од партијата на Таравари велат дека единственото оружје на ВМРО-ДПМНЕ против нив се клевети и неосновани обвинувања.
„ВМРО на монтирани случаи не смее ниту со прст да покажува на предложените министри на АА, затоа што институциите зборуваа за такви работи и сè е чисто како солза. Одете до надлежните органи и не фрлајте блуеници со гнев од устата со лаги и невистини. Секогаш на конференции сте им суделе на Албанците. Се сеќавате на случаите како Сопот, убиството на Алмир, Монструм, Куманово, случајот Алфа и други случаи? Немате ниту морално право ниту кривичен авторитет да ги кажувате овие невистини. Оваа држава ќе биде без менталитетот на Груевски и неговите остатоци во белата палата која е поцрнета од криминалите“,
се вели во реакцијата на Алијанса за Албанците.
Инаку, за министер за правда, според предлогот за реконструкција на Владата, предложен е Кренар Лога од Алијанса за Албанците, кој би го заменил досегашниот министер на овој ресор, Никола Тупанчески од СДСМ. На заменик-министерската позиција во Правда, пак, е предложена Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ која би дошла на местото на актуелниот заменик-министер Агим Нухиу од ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ денеска јавно го критикуваше начинот на доставување на предлогот за реконструкција на Владата, без притоа, како што велат, Собранието да добие информација дали актуелните министри и заменици-министри се разрешени или си поднеле оставка.