Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев до Координативниот кризен штаб во Владата предложил за претстојниот продолжен викенд за Денот на трудот да нема продолжен полициски час, како што беше за велигденските празници.
Наместо тоа, предлага полицискиот час да почнува исто како изминатиов викенд, кога забраната за движење започна во сабота од 15 часот, а траеше до 5 часот наутро во понеделник.
„Во пресрет на продолжениот викенд за 1 мај, сметам дека Владата треба да донесе одлука која ќе биде идентична на изминатиот викенд. Секое ограничување кое ќе биде построго и поригирозно негативно ќе се одрази на граѓаните “,
пишува Чулев на својот профил на Фејсбук.
Тој се осврна и на движењето во планини и шуми, кои, како што вели, треба да се користат за рекреирање, но не и за групирање.
„И понатаму стојам на ставот дека шумите и планините треба да останат отворени во периодот кога е дозволено движењето за граѓаните, но тие да се користат за рекреирање, а не за групирање на граѓаните. Апелирам до граѓаните да ги почитуваат одлуките кои се однесуваат на задолжителна употреба на соодветна заштитна опрема, а Министерството за внатрешни работи, односно полициските службеници и понатаму ќе стојат во првите редови во заштита на животот и здравјето на сите нас“,
пишува Чулев.
Каква ќе биде забраната за движење за продолжениот викенд, треба да одлучи Владата, а министерот за здравство Венко Филипче изјави дека кога се носи ваква одлука таа оди заедно со проценка дали се носи заштитна опрема. Тој најави дека ќе се анализира состојбата и врз основа на фактичката состојба ќе се донесе одлука.
Поврзани вести:
Нема повеќе опомени, неносењето заштитна опрема ќе се казнува од денеска или утре
(ФОТОГАЛЕРИЈА) Филипче најави санкции, граѓаните веднаш подисциплинирани