На вчерашното рочиште на „Рекет“ беа прикажани снимки од ПИ-мерки за средби на обвинетите Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милски-Кичеец
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на денешната прес-конференција потврди дека МВР по налог на ОЈО реализирало ПИ-мерки за лица опфатени со случајот „Рекет“.
„Во однос на наведените три лица објавени во јавноста, МВР по налог на ОЈО ги реализирало ПИ-мерките и тоа следење на комуникации и физичко следење на јавен простор со примена на технички мерки. Сите материјали од ПИ-мерките се предадени на тогашниот министер Оливер Спасовски. Ги предал на Основното јавно обвинителство, а преку ОЈО до судијата на претходна постапка. Согласно внатрешните процедури и законот, МВР не е овластено и не смее да чува копија од доказниот материјал од ПИ-мерките. Значи, целокупниот материјал е доставен до ОЈО и моментално во МВР не се чуваат копии“,
рече Чулев одговарајќи на новинарско прашање.
За тоа дали постојат тонски записи од примената на ПИ-мерките. Чулев упати за одговор новинарите да побараат од претходниот министер за внатрешни работи или од ОЈО.
На вчерашното рочиште на „Рекет“ беа прикажани снимки од ПИ-мерки за средби на обвинетите Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милски-Кичеец.
Од прикажаните видеа се виде дека биле следени возило „порше“ со бугарски ознаки и џип со македонски ознаки. Се прикажуваа и снимки од барот „Интермецо“, ресторанот „Воденица“, во кругот на фабриката ОХИС и други локации во Скопје.
ПИ-мерките покажаа и дека Боки 13 се гледал со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и одел кај неа, во нејзиниот дом.
За снимка од следењето на Кичеец, пак, се виде и една снимка во кафуле, на која Боки потоа на новинарите им рече дека се гледале Вице Заев и адвокатот Ване Андреев.