Бојан Јовановски-Боки 13 се гледал со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и одел кај неа, во нејзиниот дом, покажуваат снимките од ПИ-мерките што денеска се прикажуваат во судница на рочиштето за предметот „Рекет“.
Според одбраната, во снимките нема ништо спорно.
„Да видиме какви заклучоци ќе извлече обвинителството, но ние не гледаме каков било доказ дека со овие мерки се открива нешто инкриминирачко за кој било од обвинетите. Не гледаме ништо чудно во тоа. Тие не кријат дека имале контакти“,
истакна адвокатот на Јанева, Дељо Кадиев.
Одбраната на неколкупати реагираше дека обвинителството ги изведува несоодветно материјалите од ПИ-мерките, односно дека тоа што се чита не соодветствува со видеоснимките што се прикажуваат, како и дека треба подобро да се објаснуваат доказите.
Обвинителката Вилма Русковска рече дека такви се извештаите од МВР, односно ги чита како што ги добила.
Од прикажаните видеа се гледа дека биле следени возило „порше“ со бугарски ознаки и џип со македонски ознаки. Се прикажуваа и снимки од барот „Интермецо“, ресторанот „Воденица“, во кругот на фабриката ОХИС и други локации во Скопје во јуни 2019, кога биле наредбите за ПИ-мерки.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска.
Првообвинетиот Боки 13 се товари за перење пари и други приноси и е во притвор во Шутка од обелоденувањето на случајот. Катица Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба, а на рочиштата ја спроведува полиција од домашен притвор.
Зоран Милески-Кичеец кој, пак, е обвинет за примање награда за противзаконско влијание на првото рочиште призна вина и беше осуден на три години затвор.