Чулев рече дека сака да се огради од политички обвинувања за случајот и дека се работи за редовно постапување на полицијата
Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев вели дека полицијата го истражува делењето на хуманитарни пакети во Струмица, за кое ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ дека прави изборен поткуп.
Чулев во гостувањето во вестите на МТВ рече дека Министерството за внатрешни работи за случајот го известило обвинителството во Струмица, од каде добиле насоки дека постојат сомнежи за кривично дело.
„МВР веднаш по објавувањето на видео материјалите на социјалните мрежи постапи и СВР во Струмица подготви известување до ОЈО во Струмица со барање за насоки за постапување. Од таму дадени се насоки за постоење на сомнежи за кривично дело и насоки за преземање на сите мерки и активности од страна на СВР Струмица“,
вели Чулев.
Чулев вели дека полицијата ќе го утврдува потеклото на донацијата и критериумите за делење на пакетите, а ќе испитува и колку биле испочитувани мерките за лична заштита од ковид-19.
„Од страна на СВР Струмица извршена е идентификација на лицата кои учествувале на овој настан и ќе бидат преземени мерки и активности со цел утврдување на потеклото на донацијата, дали постојат соодветни и валидни документи за оваа донација, врз основа на кој критериум е делена и дали евентуално се барани противуслуги од страна на лицата приматели на донацијата. Истовремено, врз основа на објавените материјали на кои се гледа дека лицата не ја почитуваат мерката за носење лична заштита и забраната за групирање, ќе бидат преземени соодветни мерки и тоа однесување ќе биде санкционирано“,
вели Чулев.
Министерот рече дека сака да се огради од политички обвинувања за случајот и дека се работи за редовно постапување на полицијата.
„Доколку се утврди постоење на кривично дело, ќе биде процесуирано до обвинителството“,
порача Чулев.
За случајот со хуманитарната помош во Струмица денеска реагираа и од Здружението „Сите заедно можеме“ што ги дели пакетите помош. Од таму порачаа дека хуманитарната акција била уредно пријавена и дека во време на пандемија, кога не се знае кога ќе има избори, ваков тип на акција не може да се смета за изборен поткуп.
Станува збор за истото Здружение што ја организира хуманитарните акции со донации од семејството Заеви.
Со реакција денеска излезе и портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, кој ги повика институциите случајот да го истражат до крај, за како што рече, да се докаже дека „станува збор за помош и ништо друго“.