Струмичката и целата македонска јавност вчера беше сведок на видео за организиран поткуп, кој се случува во пресрет на изборите, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ, која ја сподели снимката на својот профил на Фејсбук, излезе на прес-конференција на која ја обвини власта дека преку организирано делење хуманитарни пакети за ранливи категории, јавно купува гласови.
„Штом луѓето на Заев се дрзнуваат да делат поткуп, значи дека се свесни дека немаат резултати и дека губат. Сега е јасно дека хибридниот режим на Заев сака да се оддржи преку нелегални механизми. Во која тоа нормална држава се дели хуманитарна помош по списоци? Тоа е газење на човечкото достоинство, но воедно и злоупотреба на човечки судбини. Освен поткуп таму гледаме и загрозување на здравјето на луѓето. Без било каква заштита се групираат луѓе, се делат пакети по список направен од седиштето на СДСМ“,
изјави Панова.
Таа ги повика институциите да ја испитаат оваа, како што вели, масовна корупција.
„Јавно ги повикувам институциите до крај да ги истражат следниве околности: кој врши набавка на прехранбените производи, кој ги плаќа прехранбените производи, кој ги дава списоците на семејства од ранливи категории каде таргетирано се делат пакетите. Предлагам итно на распит да се повикаат сите инволвирани лица од т.н. акција делење на „хуманитарна помош. Воедно прашувам до каде сте со истрагата за пакетите кои ги запленивте во Струмица“,
вели Панова.