Од кабинетот на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев утрово испратија соопштение дека Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) прифатила негова пријава против Владата, додека пријава поднесена од дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска против него била запрена.
Во првиот случај, се наведува во соопштението, станува збор за пријава што Чулев ја поднел против Владата за одлуката со која било поништено неговото решение за именување на началник на СВР Тетово. Чулев, тврди дека Антикорупциска одлучила дека Владата направила прекршок затоа што донела одлука по распишувањето на парламентарните избори.
„Спорната одлука на Владата била донесена на 18.2.2020 година, два дена по донесување на решението за распишување на предвремените избори за пратеници од страна на претседателот на Собранието, односно истата била донесена за времетраење на изборниот процес, кога важат забраните утврдени во чл. 8-а од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“,
пишува во соопштението од кабинетот на министерот.
Во вториот случај, наведуваат од неговиот кабинет, пак, Петровска поднела пријава за наводни незаконитости и коруптивни дејствија во постапка за објавување и избор на кандидати по интерни огласи во МВР, но таа пријава била запрена од антикорупционерите.
Станува збор за решенија за распоредување на работни места кои биле потпишани само од Чулев, а потоа биле поништени од Владата. За овој предмет Антикорупциска одлучила дека е надлежна Државната изборна комисија (ДИК).
„Во образложението на одлуката, ДКСК утврди дека не се направени никакви прекршувања на законските и подзаконските акти и какви било коруптивни дејствија, дека во предметниот случај е променета фактичката состојба односно од страна на Владата биле донесени одлуки за поништување на решенија за распоредување на работно место и наредби за извршување на работи и задачи, со кои биле поништени повеќе решенија донесени од министерот за внатрешни работи, потпишани само од него во периодот од 6.2.2020 до 17.2.2020 година и дека во конкретниот случај станува збор за несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик во кој случај согласно одредбите на законот за владата должна е да постапи ДИК“,
пишува во соопштението од Чулев.
Несогласувањата во МВР помеѓу Чулев и Петровска, како и помеѓу Чулев и Владата почнаа уште од почетокот на изборот на техничката влада, најчесто тие се однесуваа на кадровските распоредувања.
За именување началник на СВР Тетово, министерот првично се обрати до ДИК, а оттаму го упатија во Антикорупциска.
За одлуката на Владата за поништување на решенија на Чулев од 18 февруари 2020, за кој Антикорупциска ја префрла топката во ДИК, изминатиот период имаше низа прозивки од двете страни. Министерот обвинуваше за попречување на функционирањето на техничката Влада, а од Илинденска бр. 2, пак, го обвинуваа Чулев дека го прекршува Законот за Влада и договорот од Пржино.