Од ДИК апелираат министрите и заменик-министрите да ги почитуваат одредбите од Законот за Влада и да не поднесуваат беспредметни барања
Државната изборна комисија (ДИК) го отфрли барањето од техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев за мислење за одлуката на Владата со која се поништи неговото решение за назначување нов началник на СВР Тетово.
На денешната седница од ДИК посочија дека тоа е во надлежност на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).
Станува збор за именувањето на Гоце Јанкулоски за началник на СВР Тетово, одлука која подоцна беше поништена на владина седница. Од ДИК појаснуваат дека е во прашање правен однос меѓу Владата и техничкиот министер за што тие немаат законски овластувања да постапуваат.
На седницата беше кажано дека за ваквите барања кои се однесуваат на „забрани за именување и разрешување за време на распишани избори“, е надлежна Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).
„Односот меѓу министерот и Владата која постапува изрично за тоа дали некоја одлука е законска или не е, не е во надлежност на ДИК. Во однос на содржината на прашањето поставено за потреба од носење решенија за именување, ова прашање кое произлегува од барањето на министерот е неосновано и не влегува во нашите надлежности“,
посочија од ДИК.
Оттаму апелираат министрите и замениците министри да ги почитуваат одредбите од Законот за Влада и да не поднесуваат вакви барања кои се беспредметни.
Назначувањето на нов началник на СВР Тетово е во рамки на 15 дозволени промени на раководни позиции во МВР, според Законот за Влада.
Назначувањето на оваа позицијата беше 15. по ред, но Владата го поништи. Дополнителната заменик-министерка во МВР, Славјанка Петровска, синоќа во емисијата „360 степени“ зборуваше и за ова прашање и беше на став дека назначувањето на нов началник е поништено затоа што е направено по распишување на изборите што е спротивно на Изборниот законик.