Оставката од в.д. директор Зоран Герасимовски ја поднесе бидејќи, како што рече, ги следел напатствијата од Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси (ДКСК) и увидел дека според закон има судир на интереси. Неколкуте дена, колку што беше в.д. директор, како што кажа, воопшто не ја извршувал функција
Членот на Судскиот совет, Зоран Герасимовски, поднесе неотповиклива оставка од функција в.д. директор на Академијата за судии и јавни обвинители.

Тој пред две недели од страна на Судскиот совет беше номиниран за член на Управниот одбор на Академијата, а минатата недела на конститутивната седница на УО беше избран за в.д. директор до изборот на нов, со оглед дека претходниот обид за избор пропадна.
Одлуката дека поднел неотповиклива оставка тој денеска ја соопшти на седница на Судскиот совет пред да се избере новата претседателка на ова тело, по што рече дека се иззема од денешното гласање за констатирање на оставката на Павлина Црвенковска и за гласањето за избор на нејзин наследник.
Оставката од в.д. директор тој ја поднесе бидејќи, како што рече, ги следел напатствијата од Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси (ДКСК) и увидел дека според закон има судир на интереси. Неколкуте дена, колку што беше в.д. директор, како што кажа, воопшто не ја извршувал функција.
„На конститутивната седница во Академијата за судии и јавни обвинители, бев едногласно избран за в. д. директор со цел да не дојде до застој на секојдневното работење на Академијата. Веднаш по таа седница заминав на операција и не ја извршував функција, но, следејќи ги напатствијата од ДКСК, ја доставив мојата неотповиклива оставка од функцијата“,
рече Герасимовски.
Во јавноста имаше и дилеми дали тој паралелно може да биде не само в.д. директорот туку и член на Управниот одбор на Академијата, а паралелно и член на Судскиот совет. Меѓутоа, новата претседателка на Советот, Весна Дамева, не гледа пречка и, како што вели, нема споивост на функциите.
Дополнително, таа наведе дека го номинирле него бидејќи претходно кога испраќале судии кои не се дел од Советот, тие не го информирале Советот за тоа што се случува во Академијата.
„Долго дебатиравме и разговаравме и одлучивме дека најефикасно е член на Советот да биде претставник од причина што директно, односно веднаш ќе бидеме запознаени со процесите во Академијата. Досега не се случило судиите што сме ги испраќале да нè известат“,
рече Дамева.
Во Академијата за денеска е закажана седница на Управниот одбор за констатирање на неговата оставка, а нов директор треба да се избере в среда.