Ја нагласуваме клучната важност од преземање ефективни мерки за спречување вакви акти на агресија и за гарантирање на безбедноста на сите граѓани, велат од бугарското МНР
И Министерството за надворешни работи (МНР) на Република Бугарија попладнево преку соопштение, како што наведоа, најостро ги осудуваат вчерашните инциденти во Скопје во кои биле повредени бугарски државјани, приврзаници на фудбалскиот клуб Левски, а еден од нив беше и тешко повреден.
Оттаму бараат ефикасна истрага и спроведување на правдата во Северна Македонија.
„Жалиме што позитивниот и спортски дух на натпреварот помеѓу Левски и Шкупи беше нарушен со акти на агресија надвор од фудбалскиот терен. Очекуваме надлежните органи во Република Северна Македонија да ги преземат неопходните активности за ефикасна истрага и спроведување на правдата во врска со сериозниот инцидент. Уште еднаш ја нагласуваме клучната важност од преземање ефективни мерки за спречување на вакви акти на агресија и за гарантирање на безбедноста на сите граѓани“,
пишува во реакцијата на бугарското МНР.
За навивачот на Левски кој беше прободен со нож во Чаир информираат дека е во стабилна, но тешка општа состојба и заздравува по операцијата во болницата во Скопје. Претставници на бугарската амбасада во земјава, како што велат, се во постојан контакт со него и неговите роднини, како и со здравствените власти во Северна Македонија.
Покрај инцидентот во Чаир, каде во тепачка беше прободен бугарски навивач, инциденти имаше и на стадионот во Скопје каде што се играше натпреварот. Вкупно беа приведени 21 навивач (19 на Левски, двајца на Шкупи). Приведените бугарски навивачи, како што наведе МВР, освен што го нарушиле јавниот ред и мир, нападнале и полицајци. Дел од нив, пред камери во изјави за македонски медиуми порачуваа и дека „Македонија е Бугарска“.
МНР на Северна Македонија, претходно во текот на денот, исто така ги осуди инцидентите порачувајќи дека насилството е неприфатливо во ниту еден случај, особено кога резултира со тешки повреди, а испратија и целосна поддршка до органите за безбедност за спроведување на јавниот ред и мир.
Во реакцијата од македонската страна, се осврнаа и на навредите и провокациите од бугарските навивачи порачувајќи дека во земјава е добредојден секој, но тоа не подразбира оти е прифатливо од овде да се искажуваат навреди особено не тези кои подразбираат територијални претензии или негирање и навреди по основ на етнички, религиски или други идентитетски основи.