Станува збор за група на Фејсбук во која се пласираат навреди и говор на омраза кон Бугарите и лицата со бугарско државјанство, кои живеат на територијата на Македонија
Софија очекува реакција од Скопје за говорот на омраза кој се шири на социјалната мрежа Фејсбук, а е насочен против Бугарите и лицата со бугарско државјанство, јавија бугарските медиуми.
Бугарската агенција БГНЕС објави дека ова било истакнато на вчерашната средба на привремениот шеф на Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија, кој бил на разговор во бугарското Министерство за надворешни работи.
На средбата било посочено дека Софија ја цени брзата акција од Македонија против провокациите, како палењето на бугарското знаме и манифестациите на говор на омраза на социјалните мрежи против членовите на бугарската влада, а дека очекува реакции и за повиците за насилство на Фејсбук.
Како што јави Дојче веле, станува збор за групата на Фејсбук „Ајде да плукаме по Бугари и бугараши“, во која се пласираат навреди и говор на омраза кон Бугарите и повици за насилство кон лицата со бугарско државјанство кои живеат на територијата на Македонија. Во истата група објавен е и список за плукање по „истакнати македонски бугараши“.
Инаку, во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС, премиерот Зоран Заев рече дека имплементацијата на Договорот за добрососедство ќе биде закон и дека нема да дозволи оцрнување на Бугарија.
„Како шеф на Владата, јас сум посветен во името на целиот македонски народ за примена на Договорот. Како прво, затоа што на овој начин најдобро ќе му служам на мојот народ, но, секако, и на пријателска Бугарија. Лично, ја потврдувам нашата позиција целосно да му се спротивставиме на говорот на омраза, што мора веднаш да запре. Активистот од ВМРО-ДПМНЕ, кој го запали бугарското знаме, ќе сноси одговорност“,
рече Заев.