Според податоците добиени од Министерството за здравство, само од 7 до 12 февруари биле аплицирани 1 421 доза на вакцина ди-те-пер на скопската територија. Споредбено со лани, од 07.02.2023 до 12.02.2023 биле аплицирани 385 дози на вакцина ди-те-пер на територија на градот Скопје
Во Скопје, до утрово се регистрирани вкупно 28 случаи на пертусис или меѓу народот позната како голема или магарешка кашлица, потврдиле за МИА од Центарот за јавно здравје.
Комисијата за заразни болести донесе препорака за прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје, а здравствените власти периодов апелираат до граѓаните да се вакцинираат и себеси и најмладите, со цел да се заштитат. Вакцината која се прима на 2, 4, 6, 18 месеци и на 7 години е клучна за да се спречи понатамошно ширење на болеста. децидни се лекарите.
УНИЦЕФ изрази загриженост од растечкиот број случаи на голема кашлица во земјата и од вестите за случаи со мали сипаници во регионот и се придружи кон повикот на здравствените експерти, до родителите и старателите, да ги вакцинираат децата што пропуштиле вакцинација.
Заменик-министерката за здравство во техничката влада Маја Манолева во понеделникот, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека пунктовите во здравствените домови работат со продолжено работно време.
„Конкретно во Здравствен дом Скопје, отворени се дополнителни смени во повеќе поликлиники низ градот и пунктовите за вакцинација дополнително ќе работат и сабота. Точно е дека има метеж. Би ги повикала родителите од овие причини да ги вакцинираат своите деца во редовните термини за вакцинација, за да не се соочиме повторно со некој ваков бран во понатамошниот период и за морбили и за други заболувања за коишто би требало децата да се вакцинираат во редовниот календар. Но, еве, овозможивме услови да и во овој период дополнително работат пунктови за имунизација со продолжено работно време“,
рече Манолева.
Во однос на сезонскиот грип, таа информира дека досега се вакцинирани повеќе од 60 илјади луѓе.
„Сѐ уште имаме пациенти коишто се јавуваат со потешка клиничка слика на сезонски грип пред сѐ во болниците. Тоа се сепак пациенти коишто имаат многу коморбидитети, дополнителни заболувања кај коишто инфекцијата со сезонски грип дополнително ја комплицира целата ситуација“,
појасни Манолева.
Според податоците добиени од Министерството за здравство, само од 7 до 12 февруари биле аплицирани 1 421 доза на вакцина ди-те-пер на скопската територија. Споредбено со лани, од 07.02.2023 до 12.02.2023 биле аплицирани 385 дози на вакцина ди-те-пер на територија на градот Скопје.
„Потребно е да се земе предвид дека бројот на аплицирани дози зависи од бројот на живородени деца во тековната година“,
укажуваат од МЗ.
Комисијата за заразни болести препорача и да се забрани прием на деца невакцинирани против пертусис во градинките.