Непалските власти денеска почнаа да им ги враќаат телата на жртвите од несреќата на семејствата, а дополнително рекоа дека ќе го испратат снимачот на податоци од авионот во Франција на анализа додека се обидуваат да утврдат што ја предизвикало најсмртоносната авионска несреќа во земјата во последните 30 години
Бројот на загинати во авионската несреќа во Непал се искачи на 70 откако спасувачките екипи пронајдоа уште две тела од четирите лица што се водеа за исчезнати. Во меѓувреме, се трага по уште две исчезнати лица.
Спасувачите користеле беспилотни летала за време на потрагата на исчезнатите во најсмртоносната авионска несреќа во Непал во последните три децении.
Авионот паднал во клисура во Непал додека се подготвувал да слета на новоотворениот меѓународен аеродром Покара во подножјето на Хималаите, при што загинаа најмалку 70 од 72 лица во авионот.
Спасувачите во меѓувреме ја пронајдоа и црната кутија од авионот и ги пребараа остатоците расфрлени по клисурата длабока 300 метри во потрага по луѓето кои се исчезнати, иако се претпоставува дека и тие се мртви.
Непалските власти денеска почнаа да им ги враќаат телата на жртвите од несреќата на семејствата, а дополнително, рекоа дека ќе го испратат снимачот на податоци од авионот во Франција на анализа додека се обидуваат да утврдат што ја предизвикало најсмртоносната авионска несреќа во земјата во последните 30 години.
Јаганат Нираула, портпарол на Управата за цивилно воздухопловство на Непал, рече дека снимачот на гласот во пилотската кабина ќе се анализира локално, но дека снимачот на податоци за летот ќе биде испратен во Франција.
Француската агенција за истраги на воздушни несреќи потврди дека учествува во истрагата, а нејзините истражители денеска се на местото на несреќата.
Сè уште не е јасно што ја предизвикало несреќата во авионот на „Јети ерлајнс“ кој летал од Катманду до Покара.