Секојдневно не се крши само Бриселскиот, туку и Кумановскиот договор. Блиску сме до барање за враќање на нашите сили на Косово, според резолуцијата 1244, бидејќи КФОР не си ја врши работата, рече српската премиерка
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека косовскиот премиер Албин Курти ги довел Србите и Албанците „на самиот раб на војна“ и најави дека поради тоа Белград е блиску до одлука да побара враќање на своите војници на Косово и Метохија во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
„Секојдневно не се крши само Бриселскиот, туку и Кумановскиот договор. Блиску сме до барање за враќање на нашите сили на Косово, според резолуцијата 1244, бидејќи КФОР не си ја врши работата. Србите не се чувствуваат безбедно, вклучувајќи ги и децата во градинките“,
изјави денеска Брнабиќ.
Брнабиќ додаде дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во текот на денот ќе изнесе детали за ова.
Таа оцени дека се што прави Курти е опасност за Србите и Албанците, но и за Европа.
„Тоа е политика од 18 и 19 век. Тоа предизвикува чувства на очај. Исклучително сум загрижена и ми беше тешко да заспијам минатата ноќ. Неговата единствена политика е да предизвика конфликт, за луѓето таму да не прашуваат зошто живееме така. Тој со тоа ја ризикува судбината на сите луѓе во Западен Балкан. И сите громогласно молчат“,
предупреди таа.
Брнабиќ оцени дека Курти ништо не прави сам, туку дека имал и „помош од партнерите во ЕУ кои не реагираат“.
„Во ЕУ не реагираат на она што се случува или реагираат кога се запалени. КФОР и ЕУЛЕКС не си ја вршат работата, не само во согласност со Брисел туку и со кумановскиот договор. Тие не ги штитат Србите на Косово ниту јужно ниту северно од реката Ибар“,
рече премиерката Ана Брнабиќ.
Србија, како што подвлекува Брнабиќ, сака само мир и тоа е очигледно.