Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла вечерва на својот фејсбук-профил потврди дека во северот на земјата е зголемено полициското присуство и додаде оти косовската полиција има должност да обезбеди безбедност и гаранција за владеење на правото
Повеќе од 200 вооружени специјалци на косовската полиција, придружувани од оклопни возила, вечерва влегоа од јужниот во северниот дел на Митровица, јави Радио-телевизија Србија (РТС).
Специјалците влегле пеш во Северна Митровица, придружувани од бројни оклопни возила и се распослале низ градот, јавуваат новинарите од местото на настанот. Засега е тензично, но нема инциденти.
Во меѓувреме граѓани на Северна Митровица, според медиумите, почнале да се собираат на улиците и разговараат за се што се случува последните денови, притоа дополнително кревајќи ја тензијата во градот.
Според извештајот на својот новинар од терен, порталот „Косово онлајн“ објави дека се фрлени и две шок бомби, но засега нема повеќе информации околу ова. Во разговор со новинар од овој медиум, полициските службеници кажале дека директивата што ја добиле за нивното доаѓање во Северна Митровица била „за да се обезбеди безбедноста“.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла вечерва на својот фејсбук-профил потврди дека во северот на земјата е зголемено полициското присуство и додаде оти косовската полиција има должност да обезбеди безбедност и гаранција за владеење на правото.
„Во последните денови, по последователните вооружени напади врз полицајци и граѓани на северот од земјата, се смета за неопходно зголемено полициско присуство со цел обезбедување на сите граѓани. Ги замолуваме сите граѓани да бидат смирени и да соработуваат со косовската полиција која е ангажирана за ред и безбедност за сите граѓани“,
пишува косовскиот министер за внатрешни работи на Фејсбук.
Поради најновите случувања во Митровица, за 23 часот вечерва е најавена вонредна прес-конференција на директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ.
Вчера во Северна Митровица, општина со мнозинско српско население на северот на Косово биле фрлени две експлозивни направи. Во овој инцидент нема повредени лица, а како што информирал директорот на полицијата за овој регион, Бесим Хоти станува збор за шок бомби.
Експлозиите се случуваат еден ден откако косовската полиција објави дека маскирани групи и поединци употребиле „опасни средства, вклучително и рачни гранати од југословенско производство“ во нападот на канцелариите на општинските изборни комисии во Северна Митровица и Зубин Поток.