Билјана Бришковска-Бошковски, која беше заменик-министерка за правда, во Основниот кривичен суд во Скопје денеска сведочеше контра исказот на Александар Василевски-Нинџа, кој тврдеше дека ја видел на 8. кат во штабот на ВМРО-ДПМНЕ на 27 април 2017 година, како и дека била на линија со Трајко Вељаноски и дала наредба пратеници да ги отворат вратите. Таа исказот го даваше како сведок на одбраната во предметот за организацијата на настаните од крвавиот четврток.
Наспроти Нинџа, кој кажа дека кон штабот се упатил околу 18:30 часот, таа тврдеше дека попладнето била на детски роденден, а во партиското седиште отишла дури околу 20 часот.
За Нинџа рече дека не го знае лично.
„Како име и презиме го имам забележано во службена документација во Министерството за правда како лице со големо криминално досие. Никогаш не сум имала причина да познавам личност како Александар Василевски-Нинџа“,
рече Бришковска-Бошковски.
Таа тврди дека ниту, пак, го видела на осмиот кат каде што рече имало околу 100 луѓе.
„Со оглед дека ликот го знам од медиуми, личност кој е корпулентен лик со карактеристични црти сигурно би го забележала. Не, не сум го забележала ни видела во периодот во кој јас се наоѓав во штабот на ВМРО-ДПМНЕ“,
сведочеше ексфункционерката.

Адвокатите ја прашаа и што може да каже во врска со тоа дека му се јавила на Трајко Вељаноски за пратеници да ги отворат вратите на Собранието.
„Апсолутна невистина, такво нешто не би можело да се случи бидејќи периодот кој го споменувате не сум била во штабот на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Бришковска-Бошковски.
За обвинетите ексминистри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, пак, рече дека ги видела на заминување од штабот околу 21:30 часот.
Нинџа, пак, чие сведочење одбраната сака да го дискредитира, како сведок на 9 јуни лани кажа дека кога околу 18:30 отишол на осмиот кат во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, таму покрај Бришковска-Бошковски биле и Митко Чавков, Кирил Божиновски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески …
„Сите зборуваа на телефон, беше вклучен телевизор на ТВ Нова, се гледаше преносот од пред Собранието. Чавков ме погледна во стил ’што бараш тука‘. Јас реков дека го чекам директорот, мислев Мијалков ќе го најдам таму, но не го видов. Седев до Чавков, носеше тренирки, патики и елече, отспротива беше Кирил Божиновски, двајцата министри, пак, беа во фармерки. Како што се движеше толпата пред Собрание така почнаа да координираат. Тоа беше оперативен штаб каде што се издаваа наредби“,
сведочеше Нинџа.
Конкретно за Бришковска-Бошковски, рече била на директна линија со Трајко Вељаноски.
„Беше разочарана дека некој не ја завршил работата внатре, не предизвикал инцидент. Зашто пратениците како Антонијо Милошоски, Борис Змејковски, Илија Димовски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов не предизвикале инцидент и не ја завршиле работата… Бришковска му даваше насоки на Трајко Вељаноски да се отворат вратите, знам дека разговараше и со Илија Димовски и Никола Тодоров. А Трајко Вељаноски ја известуваше за тоа што се случува внатре“,
зборуваше Нинџа, кој во првиот предмет за 27 април е осуден со неправосилна пресуда на 8 години затвор.
Покрај Бришковска-Бошковски, денеска сведочеа уште неколку сведоци, меѓу кои и поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Наредното рочиште, исто така, ќе продолжи со сослушување сведоци на одбраната.
Покрај споменатите министри Ристовски и Јанакиевски, во случајот за организацијата обвинети се и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и бившиот директор на УБК Владимир Атанасовски. Тие се гонат за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во истрагата за предметот беа осомничени и експремиерот Никола Груевски и бившиот разузнавач Никола Бошковски, кои се во бегство. Тие ќе станат обвинети кога ќе бидат достапни за македонските органи на прогонот.