Едниот со нож, а другиот со пиштол во раката, започнале да го пцујат и да му се закануваат на оштетениот. Тој почнал да бега, но двајцата осомничени го стигнале во близина на угостителскиот објект, му нанеле убодна рана со нож и повеќепати го удриле со пиштолот во пределот на главата, се вели во описот од Обвинителството
Основното јавно обвинителство отпочна истражна постапка и побара мерка притвор за двајца браќа кои се осомничени дека извршиле насилство и грубо повредиле едно лице.
Во описот на случајот стои дека настанот се случил во кафе-бар во село Батинци каде што седел оштетениот со други две лица, а осомничените браќа влегле потоа и веднаш се упатиле кон него.
„Двајцата осомничени, на возраст од 40 и 44 години, на 2 март во кафе-бар во селото Батинци, извршиле грубо насилство и телесно повредиле едно лице. Додека оштетениот седел во објектот со уште две други лица, осомничените влегле и веднаш се упатиле кон него. Едниот со нож, а другиот со пиштол во раката, започнале да го пцујат и да му се закануваат на оштетениот. Тој почнал да бега, но двајцата осомничени го стигнале во близина на угостителскиот објект, му нанеле убодна рана со нож и повеќепати го удриле со пиштолот во пределот на главата“,
се вели во описот од Обвинителството.
Според Обвинителството, осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозеност и страв кај останатите сведоци.
Јавниот обвинител, оценувајќи дека постои опасност осомничените да се дадат во бегство или да го повторат делото, до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.