Шефот на европската дипломатија им упати уверување на лидерите од регионот дека нивните земји се важни за ЕУ и дека тоа било потврдено на денешниот министерски состанок во Брисел
Високиот претставник Жосеп Борел ги увери земјите од регионот дека остануваат приоритет за Унијата, на прес-конференцијата по министерскиот состанок за надворешни работи на ЕУ,
Иако регионот од минатата година не е на агендата на министрите, ниту ЕУ испорачала вакцини на западен Балкан досега, Борел, како што пренесува МИА, им упати уверување на лидерите од регионот дека нивните земји се важни за ЕУ и дека тоа било потврдено на денешниот министерски состанок во Брисел.
„Разговаравме за неодамнешната посета на Мирослав Лајчак во регионот и ќе имаме целосна дискусија за Западен Балкан на наредниот Совет за надворешни работи. Западниот Балкан е и ќе продолжи да биде приоритет за ЕУ“,
изјави Борел, но без повеќе детали.
Министрите на ЕУ денеска разговарале за новите санкции воведени против низа лица и ентитети ширум светот, од Кина до Еритреа, за нарушување на човековите права, во рамките на новиот механизам за санкции на ЕУ.
Станало збор и за Русија и случајот на Алексеј Навални, како и за Турција.
За Турција меѓутоа ќе се чека на претстојниот самит на лидерите на ЕУ в четврток и петок за конечни заклучоци, околу ситуацијата во источниот Медитеран, Кипар и повлекувањето од Истанбулската конвенција против родово насилство, чин што Борел го осуди вчера преку соопштение.