Бојан Јовановски-Боки 13 бара судијката Софче Гаврилова-Ефремова да биде изземена од предметот „Меѓународен сојуз“ каде што таа е претседател судечкиот совет.
Тој побара збор на почетокот на денешното рочиште и упати низа обвинувања на адреса на судијката, а поради речникот што го користеше неколкупати беше прекинуван и влегуваше во расправија со судијката.
„Се наоѓаме во судска постапка каде што и вие самата нѐ известивте на почетокот дека сте побарале изземање поради тоа што имате оформено мислење од претходниот предмет (Рекет) каде што бевте втор судија”,
беше првата причина што ја наведе Јовановски.
Понатаму тој зборуваше и за политичко влијание врз судот и конкретно за овој предмет.
„Во однос на тенденцијата која постоеше за притворот што ми се одредуваше, ги информирам овој суд и јавноста дека не подлегнав на ниедна уцена на политички вагабонти иако бев жртва на уцена“,
зборуваше Боки во дел од обраќањето.
Судијката го прекина и побара да се задржи на образложувањето на своите сомнежи за пристрасност поради кои бара нејзино изземање.
„Вие ме прекинувате штом се спомне политика бидејќи сте политички инструирана, ова е политички пример“,
рече Боки.
Тој ја обвини и оваа судијка, но и судијката Васка Николовска-Масевска која заедно со Гаврилова-Ефремова беше дел од судечкиот совет во случајот „Рекет“, дека поради тенденциозниот притвор и кај нив има вина за неговата здравствена состојба.
„Вие носите професионална и кривична одговорност поради мојата состојба, за која фалеа 30 минути за да заврши фатално… Би било непристојно да станам овде и да ви го покажам вашето дело, 40 сантиметри рез“,
рече Боки алудирајќи на операцијата на желудникот што ја имаше во септември.
Откако неколкупати влегуваше во вербален конфликт, судијката му го одзеде зборот на Јовановски, а барањето за изземање и списите за предметот рече дека ќе ги достави до претседателот на судот Иван Џолев за да одлучи. Повикувајќи се на одредбите од ЗКП и на тоа што истото се барало и претходно, судијката рече дека денешното рочиште ќе продолжи, а Џолев дополнително ќе донесе одлука.
Во моментов обвинителката Ивана Трајчева ги презентира материјалните докази, а Боки и неговиот татко Миле Јовановски неколкупати приговараа дека тие не се презентираат на јасен и прегледен начин.
Во „Меѓународен сојуз“, Јовановски е првообвинет и се товари за делата измама и перење пари. Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ и неговата асистенка Христина Блажевска, пак, се обвинети за помагање во овие дела, а експратеничката Фросина Ременски се товари за помагање во делото измама. Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е петтообвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
Во овој предмет Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција тврди дека двајцата бизнисмени Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски биле доведени во заблуда и измамени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра, Мицевски сума од 719 905, а Амзоски 233 821 евра.