„Сакам активно да учествувам во судскиот процес, но не сум во состојба да го следам рочиштето“, рече денеска Бојан Јовановски-Боки 13 на стартот на судскиот процес за случајот Рекет.
Судијката Васка Николовска-Масевска денешното рочиште го отвори со читање на медицинската документација од лекарите од „8 септември“ дека е отпуштен од болницата, но и од затворскиот лекар кој констатирал дека утрово Боки 13 повраќал и не е во состојба да го следи судењето, како и дека двапати досега бил сведок на животнозагрозувачка состојба на обвинетиот.
„Не се чувствувам добро. Имам исклучителна желба активно да учествувам во судскиот процес. Немам добиено терапија за таа новата дијагноза, состојбата не ми е добра. Утрово повраќав 10, а можеби и повеќепати. Затворскиот доктор констатираше дека не сум во состојба, но јас инсистирав да ме донесат за да не излезе дека го одолговлекувам судењето. Инаку, не сум во состојба свесно да го следам судењето“, рече Боки 13.
Неговиот адвокат Сашко Дукоски се надоврза и рече дека се подготвени како одбрана за овој случај кој, како што рече, детално го проучил.
„Не сакам да се стекне впечаток дека на каков било начин го одолговлекуваме рочиштето. И вие го гледате како изгледа, јас го посетувам секој ден. Не е вистина дека му се дава терапија. Не добива никаква, тврдам под целосна кривична одговорност. Вие проценете дали и како ќе постапите во конкретниот случај“, рече адвокатот Дукоски.
Но, обвинителката Вилма Русковска рече дека не верува во нивните тврдења.
„Бидејќи лекарите во болницата „8 Септември“ утврдиле дека е во добра здравствена состојба, сигурна сум дека е така. Ниту еден доктор не би си ги ризикувал кариерата и лиценцата за работа да стои зад нешто што не е така. Сметам дека само сакаат да ја одолговлекуваат постапката“, реагираше Русковска.
По излагањата на странките, судијката даде пауза, а во меѓувреме лекарска екипа која е присутна во судот ќе го прегледа Јовановски, по што Судечкиот совет ќе одлучи дали да почне денешното прво судење за случајот „Рекет“.