Во врска со текстот кој „360 степени“ го објави под наслов „Избркан од УБК поради ‘27 април’ е ангажиран во кабинетот на министерот Чулев“, до редакцијата стигна реакција од Борислав Богдановски, во која тој демантира дека бил избркан по дисциплиска постапка затоа што наредил да се одземат хард-дисковите со снимките од безбедносните камери во парламентот.
„Јас, Борислав Богдановски, ниту сум наредил да се одземат некави хард-дисковите со снимки, ниту сум знаел дека такво нешто е сторено од страна на други лица. Сите дејствија кои се преземени од моја страна се во согласност со заведена, организирана и водена Оперативна акција од страна на Министерството за внатрешни работи, во која Управата за безбедност и контраразузнавање партиципираше со мерки и активности од делокруг на работа на Управата, и согласно Законот за внатрешни работи и Законот за полиција, за што постојат и материјални докази“,
вели Богдановски.
Тој вели дека дисциплинската постапка била покрената по друга основа и била водена “крајно непрофесионално и незаконски”.
„Како резултат на така водената дисциплинска постапка, изречениот отказот е поништен од страна на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Но, наместо да бидам вратен на работа согласно поништеното Решение, неколку дена по поништувањето на Решението за отказ, од страна на Министерството добив втор отказ со отказен рок од 1 месец, и тоа на домашна адреса, иако во тоа време јас имам статус на невработено лице, за што од моја страна е поднесена тужба до граѓанскиот суд која сè уште трае“,
вели Богдановски.
Тој во реакцијата посочува дека е ангажиран во кабинетот на министерот со договор на дело и дека тој е потпишан од министерот Наќе Чулев и од дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска.
„Но, имајте го во предвид и фактот дека од кога сум вработен во Министерството, а тоа е далечната 1992 година, до моментот на отказот во 2017 година (на само 2,5 години пред пензионирање), против мене немало ниту укор, ниту било каква дисциплинска постапка, а не пак некаква злоупотреба или незаконита активност, за што говорат фактите во персоналното досие кое е во Министерството. Ваква е судбината на вистинските професионалци во МВР“,
вели Богдановски.
Што објавивме и како постапивме?
Откако до нашата редакција стигна информација дека во кабинетот на министерот е ангажирано лицето Борислав Богдановски кој претходно добил отказ од УБК, по водена дисциплинска постапка за настаните од 27 април 2017 година, „360 степени“ се обрати до институцијата заради потврда и коментар. На 12 март 2020 г. испративме прашања лично до министерот Наќе Чулев и на и-меил адресата што Министерството за внатрешни работи ја користи за комуникација со новинарите.
„Почитувани, Ви испраќам прашање од редакцијата на ‘360 степени’ во врска со ангажман на лице во кабинетот на министерот Чулев. Зошто во кабинетот на министерот Наќе Чулев е ангажирано лицето Борислав Богдановски, ако се знае дека доби отказ од УБК по дисциплинска постапка за настаните од 27 април 2017 г., затоа што наредил да се одземат хард-дисковите од Собранието?“, гласи прашањето што го испративме на официјалниот и-маил што МВР го користи за контакт со медиумите.
Одговор до овој момент не добивме.
До министерот Наќе Чулев, пак, го испративме истото прашање преку СМС порака со следната содржина: „Добар ден, министре. Може ли да ни одговорите – зошто во вашиот кабинет е ангажирано лицето Борислав Богдановски, ако се знае дека доби отказ од УБК по дисциплинска постапка за настаните од 27 април 2017 г., затоа што наредил да се одземат хард-дисковите од Собранието?“.
Во одговорот што го добивме, министерот Чулев не го негира податокот за наредба за одземање на хард-дисковите од парламентот, наведен во прашањето до него.
Одговорот што ни го испрати министерот Чулев и го пренесовме интегрално во текстот, гласи:
„Да, конкретното лице е ангажирано од страна на МВР со договор на дело. Станува збор за постапка за утврдување дисциплинска одговорност која е водена во исклучително сомнителни околности и со многу политичка притисоци. Одлуката што е донесена во таа постапка е поништена од страна на второстепениот орган задолжен за одлучување по работен однос, односно поништено е решението за престанок на работен однос, при што второстепениот орган го враќа предметот на повторно одлучување, по што Министерството за внатрешни работи, во незаконска постапка и без докази, повторно изрекува отказ. Дополнително, освен дисциплинската мерка која е оспорена, за посоченото лице, не се води и не е заведена прекршочна или кривична постапка преку која би се докажала вина поврзана со конкретниот настан, a поради непостоење елементи за истото“.
Дополнително во објавениот текст, „360 степени“ се навраќа и на најобемниот судски процес кој се водеше за настаните од 27 април 2017 година и нагласува дека токму во тој случај е опфатено и одземањето на хард-дисковите од Собранието, но оти кај Богдановски не е пронајдена вина и тој не е воопшто обвинет.
„Богдановски, кој тогаш бил началник на сектор во УБК, не беше обвинет во најголемиот судски процес за настаните од 27 април 2017 година. Меѓу обвинетите во тој процес, кои се наведуваа како лица што влегле во мониторинг-собата во Собранието за да ги земат хард-дисковите, беа Оливер Радулов и Сашо Марковски (кому поради здравствената состојба му се судеше во одделна постапка)“, пишува во текстот во кој се посочува и дека оваа пресуда сè уште не е правосилна.