Од „Макам-транс“ велат дека има околу 200 возачи што се сликале или треба да се сликаат за нови патни исправи и најавија дека ќе направат списоци и ќе ги достават за понатамошно проследување до МВР
Транспортерите и превозниците, кои поседуваат сертификати за професионални возачи, ќе може во следниот период по брза лента да ги заменат своите патни документи, најави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
„Покажуваме посветеност и даваме поддршка за понатамошен развој на домашниот и меѓународниот транспорт, а доказ за тоа е решението кое го изнајдовме за обезбедување брза лента за издавање и менување на патните документи за сите транспортери и превозници кои поседуваат сертификати за професионални возачи, бидејќи транспортот не смее да застане и економијата мора да продолжи да расте. Министерството за транспорт и врски останува силен партнер на домашните транспортери, продолжуваме заеднички во обезбедување на подобри услови за функционирање на транспортната дејност“,
рече Бочварски на денешната регионална средба со транспортерите од источниот регион што се одржа во Штип.
Бочварски рече дека оваа мерка е договорена по барање на Министерството за транспорт и врски и здруженијата и асоцијациите на транспортери и превозници на Република Северна Македонија, а во соработка со Министерството за внатрешни работи.
Во однос на дозволите, лиценците и изводите од лиценци, Бочварски рече дека Министерството за транспорт и врски навреме ги заменило сите потребни документи што им се потребни на домашните транспортери за непречено одвивање на меѓународниот транспорт.
На средбата со Бочварски, Биљана Муратовска од „Макам-транс“ рече дека околу 200 возачи се сликале или треба да се сликаат за нови патни исправи.
„Има околу 200 возачи што се сликале или треба да се сликаат за нови патни исправи и драго ми е што наидовме на разбирање од Министерството за транспорт и врски, ќе направиме списоци и ќе ги доставиме за понатамошно проследување до МВР. Имаме неколку иницијативи до Владата и до Министерството за финансии за подобрување на дејноста и очекуваме повратни одговори. Имаме многу проблеми и на европските пазари, но некако од година во година се бориме да ги подобриме условите“,
рече Муратовска.
На средбата, како што информираат од Министерството за транспорт и врски, се отвориле и прашањата за распределба на меѓународните дозволи кои секоја година се достапни во се поголем број.