По формалното објавување на резултатите, претседателот на Израел Исак Херцог ќе назначи еден кандидат, односно лидерот на најсилната партија да формира влада, а тоа ќе биде Нетанјаху
Централната изборна комисија доцна вечерва ги објави конечните резултати од парламентарните избори во Израел врз основа на 100 отсто од преброените гласови, јавуваат агенциите, пренесува регионалниот сервис на РСЕ.
Конзервативната Ликуд на поранешниот премиер на Израел Бенјамин Нетанјаху освои најмногу, 32 пратенички мандати, а по неа е партија од центарот Јеш Атид (Има иднина) на привремениот премиер во заминување Јаир Лапид со 24.

Партијата Верски ционизам го удвои бројот на пратеници на 14 и сега е трета најмоќна партија во парламентот, а по неа е центро-десничарската Национално единство на министерот за одбрана Бени Ганц со 12 пратеници.
Религиозната партија Шас освои 11 мандати, а Обединета Тора јудеизам, исто така партија на ултраортодоксните Евреи, седум пратенички места.
Националистичката партија Израел Бејтену (Израел наш дом) на поранешниот министер Авигдор Либерман има шест пратеници, а арапската партија Рам, која беше во коалицијата на Лапид, има еден помалку, додека партијата Хадаш-Тал, во која доминираат израелските Арапи, освои исто толку мандати. Центар-левичарската Лабуристичка партија освои четири пратенички мандати
Како што броењето се ближеше кон крајот, беше очигледно дека левичарската партија Мерец, која се противи на окупацијата на палестинските територии, заминува во политички егзил за првпат од своето основање во 1990-тите.
Лидерот на оваа партија, Зехава Галон, призна дека партијата нема да биде во следниот парламент, оценувајќи дека ваквиот исход е катастрофа за Мерец и за земјата, пренесе АП.
Израелската десница зајакна и се враќа на власт на сметка на левицата. Лабуристичката партија, која некогаш беше една од најсилните во Израел и го поддржува формирањето на палестинска држава, едвај успеа да го помине изборниот праг.
По формалното објавување на резултатите, претседателот на Израел Исак Херцог ќе назначи еден кандидат, односно лидерот на најсилната партија да формира влада, а тоа ќе биде Нетанјаху.
Тој беше отстранет од власт минатата година од коалиција од осум различни партии, од која дел беше и една мала арапска партија. Коалицијата се распадна оваа пролет поради внатрешни несогласувања.
Победата на блокот на Нетанјаху ја најавија уште излезните анкети, веднаш по завршувањето на гласањето и она што се чекаше беше само официјалната бројка на освоени мандати, која според проекциите се движеше над 61 пратеник што на крајот и се оствари.
Нетанјаху лани не замина тивко од власт. Ги обвинуваше противниците за предавство на гласачите и се жалеше дека е жртва на заговор, но и порача дека неговата партија ќе се врати на власт и тоа под негово раководство. Тој тогаш ја напушти премиерската позиција соочен со судски процеси за корупција, проневера и злоупотреба на моќ во серија скандали.
Речиси 4,8 од 6,8 милиони Израелци со право на глас гласаа на овие избори, најмногу од 2015 година.