Откако на Марковски му беше вратен пасошот, тој на 29 јули ја премина границата со Србија на „Табановце“. Како што објави „360 степени“, бизнисменот бил задржан на граничниот премин, но по извршените проверки му било дозволено да ја напушти државата бидејќи против него немало активна мерка за забрана за преминување на границата
Битолскиот бизнисмен и почесен конзул во Белорусија во земјава, Борче Марковски, еден од обвинетите за случајот со РЕК „Битола“ се врати во Македонија, откако пред три дена ја напушти државата преку граничниот премин „Табановце“ кон Србија.
Ова за порталот „СДК.мк“ го соопшти неговиот адвокат Марјан Николоски, посочувајќи дека во јавноста непотребно се кренала фама околу враќањето на пасошот на Марковски, како и за неговото патување во Србија.

„Тој веќе е во Битола, ги заврши обврските во Србија. Не бегаме од судењето. Чекаме да почне и да ги расчистиме работите“,
вели адвокатот.
Според него, враќањето на пасошот треба да биде пракса за сите осомничени за ваков вид кривични дела, особено под околности кога е дадена гаранција.
И во изјавата дадена пред два дена, неговиот адвокат рече дека Марковски не е избеган од државата, туку дека се наоѓа во Србија поради извршување на работни обврски.
„В сабота ќе биде во Македонија. Сега е на состаноци во Србија каде има сериозна фирма која без него не може да функционира. И затоа беше побаран пасошот. Има сериозна гаранција оставено во судот. Сабота околу пладне ќе биде во Македонија. Не станува збор за бегање, тоа нема апсолутна врска со вистината. Легално ја помина границата оти бизнисот во Србија му е сериозен и мора да функционира. Ако е осомничен, не значи дека треба да ги затвори сите фирми“,
кажа тогаш Николоски.
Случајот се актуализираше во јавноста откако струшкиот суд по приложена гаранција од над пет милиони евра, му го врати пасошот на Марковски.
Тој, како што објави „360 степени“ на 29 јули е задржан на граничниот премин „Табановце“, но по извршените проверки му е дозволено да ја напушти државата бидејќи против него немало активна мерка за забрана на преминување на границата.
Претседателот на Основниот суд Струга, Вулнет Винца, кој завчера е разрешен од функцијата врз основа на исполнување старосни услови за пензија, потврди дека тричлен кривичен совет одлучил да му го вратил пасошот на Марковски. Посочи дека пред да одлучат добиле позитивно мислење од Јавното обвинителство.
ОЈО Струга било против, а Вишото обвинителство Битола – за
Од Обвинителството посочија дека барањето за укинување на дополнителните мерки за претпазливост изречени при определувањето на гаранцијата е поднесено од одбраната на обвинетиот.
Првично, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга на 15.6.2026 година дал негативно мислење за прифаќање на ова барање. Откако одбраната поднела ново барање, јавниот обвинител го реферирал предметот во Вишото јавно обвинителство Битола.
„Од реферирањето е изготвен записник, при што Вишиот јавен обвинител донел заклучок со кој понискиот јавен обвинител го задолжил да поднесе позитивно мислење да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Се наведува и дека вишиот јавен обвинител изнесува став оти со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот.
„Воедно, се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Република Србија чие работење е сериозно доведено во прашање и постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата“,
додаваат оттаму.
Според Обвинителството, Марковски има обврска да се јавува пред судот.
Мицкоски: Обвинител од Вишото обвинителство Битола направил груба манипулација во процесот
Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го случајот со враќањето на пасошот на Марковски рече дека постои груба манипулација од локален јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство во Битола.
Според информациите со кои располага, рече и дека обвинителот е соучесник во процесот.
Посочи дека извештајот на надлежното Основно јавно обвинителство (ОЈО) е поинаков од тој кој е приложен како записник од страна на Вишото јавно обвинителство во Битола.
„Ова нема така да заврши. Ова лично јас го гарантирам и лично ќе го следам овој процес“,
кажа тој.
За случајот
Марковски и седум други лица се осомничени за кривични дела поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“.
Судењето, кое првично започна во Основниот суд во Битола, потоа беше префрлено во Основниот суд во Струга, по одлука на Апелацискиот суд во Битола.
Првото рочиште во Струга, закажано за 24 јуни, беше одложено бидејќи еден од обвинетите го сменил адвокатот, кој побарал дополнително време за увид во обвинителниот акт.
Новиот обид за почеток на судењето е закажан за 2 септември.
