Вицепремиерот вели дека неговиот став е оти во такви дебати не може да бидат вклучени лица што повикувале или биле дел од идеологија која повикува на елиминација на неистомисленици
Назначувањето на Валентина Божиновска за еден од 26-те члена на Стратегискиот совет за надворешна политика, како советодавно тело на Министерството за надворешни работи, е одлука на министерот за надворешни работи Бујар Османи, истакна денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Тој вели дека неговиот став е оти во такви дебати не може да бидат вклучени лица што повикувале или биле дел од идеологија која повикува на елиминација на неистомисленици.
„Познат сум по ставот дека сум човек кој овозможува севкупно вклучување на луѓето, затоа што идеолошки верувам во креирањето на едно општество, а токму концептот на едно општество е да им дозволите на сите истомисленици и неистомисленици да бидат дел од дебата и дискусија. Притоа, имам категоричен став дека во такви дебати не можат да се вклучат луѓе што повикувале или биле дел од некои идеологии кои повикувале на елиминација на некој што не е истомисленик во одредено време“,
рече Битиќи денеска одговарајќи на новинарски прашање.
Тој нагласи дека смета оти тоа е црвената линија.
„Сè друго е прифатливо да се седне и да се разговара“,
вели вицепремиерот.
Името на Божиновска предизвика најмногу реакции во јавноста. Таа, пак, во изјава за „А1он“ вчера рече дека поради здравствени причини, сепак, нема да го советува шефот на дипломатијата.
Божиновска е поранешна пратеничка на ВМРО-НП, а беше и функционерка во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Еден од нејзините највпечатливи настапи во јавноста е со изјавата за „ноќ на ножевите“ за време на протестите што се одржуваа пред ДИК по парламентарните избори во 2016 година, по што потоа следуваше и промена на власта.
„Оваа вечер е вечер на ножевите, оваа вечер е вечер или на разумот или на лудилото на еден човек, на последниот македонски предавник Зоран Заев“,
зборуваше Божиновска на протестите, а потоа посочуваше дека мислела на тоа што СДСМ ѝ забива нож во грб на демократијата.
Министерот Бујар Османи, пак, вчера рече дека е свесен оти дел од имињата што ги промовираше како дел од Стратегискиот совет ќе предизвикаат бурни реакции во јавноста, но неговата цел била во тоа тело да има дебата, а не монолог на истомисленици. Има луѓе, како што рече тој, кои размислуваат и како Божиновска.
„Инсистирав да има луѓе кои имаат и политички ставови, но кои не зависат од дневната политика. Покрај нивната експертиза, нивно искуство, јас исто така барав луѓе со спротивставени политички ставови, бидејќи не сакам тоа да биде монолог во кој ќе се поддржуваме за позиции. Сакав во тој стратешки совет да има дебата, дури и контроверзна, бидејќи има луѓе кои размислуваат како Валентина Божиновска. Срѓан Керим беше претседател на Собранието на Обединетите нации, тој беше поранешен амбасадор, тој дури двапати претходно беше министер за надворешни работи во претходниот систем. Јас не сум ниту обвинител ниту судија, но заинтересиран сум во оваа стратегија да ги вметнам искуството, знаењето, различните погледи на луѓето, затоа што има луѓе во Северна Македонија, кои споделуваат различни мислења, различни ставови од моите, од оние на мнозинството“,
изјави Османи синоќа на Алсат ТВ.