Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вели дека е свесен оти дел од имињата кои ги претстави како дел од Стратегискиот совет ќе предизвикаат бура во јавноста, но го брани составот со тврдење дека сакал да има луѓе кои се со спротивставени мислења и со кои ќе има дебата, а не монолог.
„Инсистирав да има луѓе кои имаат и политички ставови, но кои не зависат од дневната политика. Покрај нивната експертиза, нивно искуство, јас исто така барав луѓе со спротивставени политички ставови, бидејќи не сакам тоа да биде монолог во кој ќе се поддржуваме за позиции. Сакав во тој стратешки совет да има дебата, дури и контроверзна, бидејќи има луѓе кои размислуваат како Валентина Божиновска. Срѓан Керим беше претседател на Собранието на Обединетите нации, тој беше поранешен амбасадор, тој дури двапати претходно беше министер за надворешни работи во претходниот систем. Јас не сум ниту обвинител ниту судија, но заинтересиран сум во оваа стратегија да ги вметнам искуството, знаењето, различните погледи на луѓето, затоа што има луѓе во Северна Македонија, кои споделуваат различни мислења, различни ставови од моите, од оние на мнозинството“,
изјави Османи на Алсат ТВ.
Божиновска, пак, вечерва за „А1он“ изјави дека поради здравствени причини ќе се повлече од советот.
Покрај неа и Керим, во советничкиот тим на Османи, кој беше претставен денеска, се и: првиот шеф на дипломатијата и универзитетски професор Денко Малески; поранешниот министер за одбрана во првиот кабинет Никола Груевски на „Илинденска“, а до скоро и специјален пратеник на Владата во НАТО, Лазар Еленовски; експратеничката Ивана Туфегџиќ; некогашниот пратеник и потпретседател на СДСМ, Гордан Георгиев; академиците Луан Старова и Абдулменаф Беџети; поранешниот амбасадор и универзитетски професор Нано Ружин; директорот на „Алкалоид“, Живко Мукаетов и др.
„Очекувам на стручно ниво да ги вкрстиме различните ставови, за да изградиме пресек кој ќе го следиме во следните 10 години. Телото е постојано, но членовите не се фиксни. Иако составот е квалитетен, секогаш може да го зајакнеме онаму каде што ќе сметаме дека е потребно. Многу долго време се мислевме за составот. До конечниот избор имаше многубројни консултации. Се водевме од принципи на искуство, експертиза и млада енергија, како и инклузивност на различни погледи, како што имаат и граѓаните, со цел да имаме 360 степени пристап кон дефинирање на стратегијата за надворешна политика“,
изјави Османи денеска при промоцијата на советот.