Министерот за надворешни работи вели дека членовите на Стратегискиот совет биле избрани врз принципи на искуство, експертиза и млада енергија, како и инклузивност на различни погледи
Професори и академици, поранешни министри, пратеници и амбасадори… влегоа во Стратегискиот совет за надворешна политика што го формира шефот на дипломатијата Бујар Османи, а кој беше промовиран денеска.
Меѓу членовите има двајца поранешни министри за надворешни работи – првиот шеф на македонската дипломатија и универзитетски професор Денко Малески и Срѓан Керим, кој беше министер владата на Љубчо Георгиевски, а во периодот 2007-2008 година беше претседател на Генералното собрание на ОН. Лазар Еленовски, пак, е поранешен министер за одбрана во првиот кабинет Никола Груевски на „Илинденска“, а до скоро беше и специјален пратеник на Владата во НАТО, назначен на позицијата во 2018 година.
Во Стратегискиот совет ќе членува и поранешната пратеничка на ВМРО-НП, а потоа и функцонерка на ВМРО-ДПМНЕ, Валентина Божиновска. Во „советничкиот тим“ на Османи влезе и Ивана Туфегџиќ, која беше пратеничка во ПГ на СДСМ во претходниот собраниски состав, како и Гордан Георгиев, некогашен пратеник и потпретседател на СДСМ. Академиците Луан Старова и Абдулменаф Беџети, исто така, се дел од овој Совет, кој засега брои 26 члена.
Членови на Советот се и директорот на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, потоа Нано Ружин, Мухамед Халили, Виктор Габер, Ризван Сулејмани, Марјан Ѓуровски…

„Ова советодавно тело на МНР ќе служи како посебен филтер, еден вид инка за политичките насоки што ќе се собираат во рамки на консултативни процеси. Денес имавме успешен состанок со стратешкиот совет. Се работи за квалитетни луѓе, докажани експерти во сите области, искусни и добри познавачи на состојбите во дипломатијата, од професори, академици, па сѐ до претставници на реалниот сектор, како бизнисмени и економисти. Внимавав да добиеме широка интелектуална и експертска претставеност. Не се ограничив да поканам и поединци кои имаат цврст и јасен политички став, а се ослободени од притисокот на дневната политика“,
изјави денеска министерот Османи.
Тој рече дека членовите на новиот Стратегиски совет прифатиле да работат волонтерски, односно пробоно.
„Очекувам на стручно ниво да ги вкрстиме различните ставови, за да изградиме пресек кој ќе го следиме во следните 10 години. Телото е постојано, но членовите не се фиксни. Иако составот е квалитетен, секогаш може да го зајакнеме онаму каде што ќе сметаме дека е потребно. Многу долго време се мислевме за составот. До конечниот избор имаше многубројни консултации. Се водевме од принципи на искуство, експертиза и млада енергија, како и инклузивност на различни погледи, како што имаат и граѓаните, со цел да имаме 360 степени пристап кон дефинирање на стратегијата за надворешна политика“,
изјави Османи.