„Имаме уште околу две недели да ги завршиме преостанатите активности околу командниот центар за овој паметен систем да го ставиме во функција и во овој дел од државата“, изјави министерот Тошковски за време на посетата на СВР Охрид
Системот за автоматско регистрирање сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ од 12 октомври започнува со примена во Охрид, Струга, Кичево и Дебар. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека се при крај подготовките на командниот центар во СВР Охрид, неопходни за старт на „Безбеден град“ во овие градови.

„Имаме уште околу две недели да ги завршиме преостанатите активности околу командниот центар за овој паметен систем да го ставиме во функција и во овој дел од државата. Со раководството на СВР Охрид начелно се договоривме дека ќе бидеме подготвени системот да започне со примена од 12 октомври“,
изјави Тошковски по посетата на СВР Охрид и Регионалниот центар за гранични работи Запад.
Со раководствата на СВР Охрид и Регионалниот центар за гранични работи Запад, министерот разговарал и за актуелната безбедносна состојба, борбата против криминалот и корупцијата, нелегалната трговија и дистрибуцијата на дрога, јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот.
