Согласно законот, нагласи Битиќи, БЕГ мора да има резерви на гас и суровини за да обезбеди топлинска енергија кон граѓаните сè додека не се избере нов економски оператор
Одговарајќи на новинарски прашања поврзани со почетокот на грејната сезона во главниот град, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи нагласи дека снабдувачот на топлинска енергија Балкан Енерџи Груп (БЕГ) мора да испорачува енергија кон граѓаните сè додека не се избере нов економски оператор.
Согласно законот, нагласи Битиќи, БЕГ мора да има резерви на гас и суровини за да обезбеди топлинска енергија.
Во однос на топланите „Исток“ и „Запад“, кои се во сопственост на „Адора инженеринг“, според која закупот како опција без јасна интенција за купопродажба на топланите не е прифатлив, вицепремиерот е со став дека процесите мора да бидат согласно законот и дека закупот е легитимна алатка.
„Инсистирањето на еден од чинителите за промена на сопственоста е легитимна, но ќе се склучи според законите. Закупот е легитимна алатка преку која ќе се искористат топланите ‘Исток’ и ‘Запад’ и ќе се испорача топлинска енергија, а во меѓувреме има доволно временски период да се запазат сите законски процедурии ако треба да се заокружи откупот на сопственоста“,
истакна Битиќи.
Според вицепремиерот Битиќи, сериозноста на Владата да не ги остави скопјани без парно греење во претстојната зима се гледа во тоа што по непреземањето на парното греење од страна на Град Скопје, Владата интервенирала со формирање на три претпријатија.
„Ако тоа не е доволен показател за сериозната на Владата, не знам што би требало да биде. Во овој момент дистрибутивната мрежа е предадена на ЕСМ“,
изјави Битиќи.
Компании на државната Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) се единствените кои доставија понуди на трите јавни повици на Владата за избор на вршители на дејностите: производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија.
„На повикот за избор на вршител на енергетската дејност регулирано производство на топлинска енергија е пристигната една понуда од Друштвото за производство на топлинска енергија ЕСМ ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје. На повикот за избор на вршител на енергетската дејност дистрибуција е пристигната една понуда од Друштво за дистрибуција на топлинска енергија ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје. На повикот за избор на вршител на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија од страна е пристигната една понуда од Друштво за снабдување со топлинска енергија ЕСМ СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје“,
информираа неодамна од Владата.
За потсетување, АД ЕСМ управуваше со БЕГ минатата зима кога беше прогласена кризна состојба, а дека оваа државна компанија се подготвува да менаџира со топлинската енергија во Скопје најави и директорот Васко Ковачевски откако беа одземени лиценците на БЕГ. Тој во јули годинава најави дека со трите нови компании што ги формираше ЕСМ, ќе конкурираат на повикот за кој денеска беа отворени понудите.