На билбордите во Скопје кои се поставени од денеска се ликовите на партиските лидери и на носителите на кандидатските листи во првата изборна единица.
„Можеме! Уште повеќе, уште подобро!“, „Исправи се Македонијо! Одбери обнова!“, „Државата за народот“, „Време е за прв премиер Албанец“ – се дел од пораките испишани на билбордите и рекламните паноа кои од рано утринава се поставени низ центарот на Скопје.
На билбордите се ликовите на партиските лидери и на носителите на кандидатските листи во првата изборна единица.
На оние од коалицијата што ја предводи СДСМ забележителни се мешаните женско-машки тандеми, кои, како што беше најавено уште на почетокот на годинава, заеднички ќе ја водат кампањата во одредена изборна единица.
Кампањата започна ноќеска на полноќ, а ќе трае до 12 јули. Иако најавија дека ќе избегнуваат големи митинзи, партиите сепак ќе одржуваат граѓански собири и трибини.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска ќе има трибина во Струмица, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе одржи средби со граѓани во Охрид. Алијансата за Албанците кампањата ја почнува од Тетово, а ДУИ во Преспа, од каде што се очекува да го соопшти името на својот кандидат за премиер.
Петар Богојески од „Македонски концепт“ почнува со изборен карван од пред зградата на ЕУ-инфо центарот, ДПА од плоштадот „Илирија“.
Гласањето ќе се одржи на 13 и 14 јули за затворениците, болните и изнемоштени лица, како и лицата во изолација и заразени со ковид-19, додека сите други ќе гласаат на 15 јули, од 7 до 21 часот.
*Поврзани вести
Пендаровски: Очекувам безбедна и кампања со висока политичка култура