Коментирајќи ја одговорноста на политичарите, Спасовски како негативен пример го посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Овие парламентарни избори ќе бидат запаметени по тоа што се одржуваат во услови на пандемија со каква не се соочил светот и затоа мора да остане запишано дека се организирани и спроведени со максимална заштита на здравјето на граѓаните и во фер и демократска атмосфера, порача техничкиот премиер Оливер Спасовски на почетокот на изборната кампања.
Спасовски на прес-конференција ги повика политичките партии да покажат одговорност и во предизборната кампања и на денот на гласањето, почитувајќи ги протоколите за собири, носење заштитна маска и држење дистанца. Ако се почитуваат мерките, вели, нема никаков ризик по здравјето на граѓаните.
„На 15 јули граѓаните, со сите мерки за заштита, ќе го искористат своето право на глас. Во тек се сите активности за да се обезбедат услови согласно протоколите за безбедна кампања, за потребните услови за работата на ДИК и системот за мониторинг. Се повикувам на епидемиолозите, правото на глас не го загрозува јавното здравје ако ги почитуваме мерките. На гласачките места се задржуваме 3-5 минути, што е помалку од одење во маркет. Да ги носиме маските и да одржуваме дистанца“,
порача Спасовски.
До партиите порача дека, доколку некој ги злоупотреби државните ресурси за партиски цели, ќе има санкции.
„Сите политички партии, членовите и симпатизерите, секој граѓанин, сите заедно да придонесеме за еднакви услови и фер натпревар и без говор на омраза. Организирањето фер и демократски избори е приоритет на преодната влада. И затоа секое грубо кршење на ова право ќе биде санкционирано од институциите. Секое кршење на мерките против вирусот ќе биде казнето, пред сѐ од граѓаните. Секоја злоупотреба на државен ресурс за партиски цели ќе биде најстрого санкционирана. Оваа порака ја упатувам најмногу до функционерите и до сите оние што имаат пристап до државните ресурси. Очекувам одговорност на сите политички партии, свој придонес да дадат и политичките функционери со тоа што нема да ги злоупотребуваат државните ресурси во кампањата“,
рече премиерот.
Спасовски посочи дека кампањата ќе трае помалку од 20 дена, бидејќи два дена ќе гласаат лицата во изолација или кои се позитивни на вирусот, како и болните и изнемоштените лица, и вели во таа насока ДИК ќе треба да ги одреди сите чекори во изборниот процес, вклучувајќи го и изборниот молк.
Коментирајќи ја одговорноста на политичарите, Спасовски како негативен пример го посочи лидерот на опозицијата.
„Ние имаме заштита која се однесува не за кампања, туку и за нормалното живеење, за пазарење во маркет, молови, банка и која било институција. Ако бидете одговорни, ако секој од нас придонесе, тогаш немаме никаков ризик. Ако имаме неодговорност, а најголемата неодговорност е на политичарите, оние што треба да ја пратат порака до граѓаните, тогаш имаме сериозен проблем. Имате затворени теретани, а имате политичари коишто одат во теретани, имате затворени кафеани, а имате политичари кои со одбрано друштво можат да седат внатре и да ги злоупотребуваат тие мерки. Имате забрана за собири, имате собири за коишто никој не реагира. Ова го кажувам како примери за личната одговорност. Колку повеќе ќе бидеме одговорни толку повеќе ќе се заштитиме, а одговорноста ќе биде еден од критериумите по кои ќе нѐ ценат граѓаните на 15 јули“,
порача Спасовски.