Според Шамбевски, овие решенија имаат цел да им овозможат на младите полесен пристап до работа, образование и сопствен дом, за својата иднина да ја градат во Македонија

Владата воспоставува системски пристап за економско и станбено осамостојување на младите преку конкретни финансиски мерки и нови законски решенија, истакна на денешната прес-конференција потпретседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Шамбевски.
Шамбевски рече дека се подготвуваат закони наменети за млади брачни парови до 35-годишна возраст. Првата мерка предвидува купување стан по цена најмалку 20 отсто пониска од пазарната, при што градежните компании ќе имаат обврска да издвојат најмалку 10 отсто од станбената површина за оваа категорија граѓани. Втората мерка предвидува целосно ослободување од плаќање комуналии кон општината за младите парови до 35 години кои градат сопствен дом.
За поттикнување на вработувањето, Шамбевски рече дека овогодишниот Оперативен план располага со буџет од 40 милиони евра и опфаќа над 10 000 лица. Од нив, 32 милиони евра се наменети за директни мерки со кои се опфатени 6 000 млади лица до 29 години, а предвиден е и младински додаток од 3 000 денари. Шамбевски потсети дека минатата година преку Програмата за самовработување со грант биле отворени речиси 2 200 нови фирми.
Според Шамбевски, во сферата на образованието се воведува нов модел со вкупно 3 000 студентски стипендии, распределени во три категории – 1 200 за социјална поддршка вклучувајќи ги и студентите со попреченост и ретки болести, 1 050 стратешки стипендии за дефицитарни насоки како математика, физика, хемија, земјоделство, шумарство, наставна биологија и рударство, како и 750 стипендии за висок академски успех.
„За да се подобри студентскиот стандард и овозможување полесен пристап до услуги, се подготвува и ново законско решение за воведување студентска картичка. Со оваа картичка, студентите ќе можат да остваруваат 20 отсто попуст за услугите достапни преку апликацијата М-услуги, во текот на целата година“,
рече тој.
Според Шамбевски, овие решенија имаат цел да им овозможат на младите полесен пристап до работа, образование и сопствен дом, за својата иднина да ја градат во Македонија.
