Европските вредности се докажуваат преку политички одлуки и конкретни постапки, порачуваат од Мрежата за заштита од дискриминација и инсистираат на јавни одговори и политичка одговорност

Мрежата за заштита од дискриминација во рамки на својата иницијатива „Ѕид на срамот“ упати јавни прашања до претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Антонио Милошоски, барајќи одговори и политичка одговорност за состојбите со родовата еднаквост и заштитата на жените од насилство.
Од Мрежата за заштита од дискриминација наведуваат дека европската интеграција не смее да остане само декларативна заложба, туку подразбира унапредување на родовата еднаквост, заштита на човековите права и ефикасно справување со родово базираното насилство. Притоа, тие се повикуваат на Извештајот на Европската комисија за 2026 година, во кој антиродовите наративи се посочени како една од причините за системските пропусти во оваа област.
„Го прочитавте ли Извештајот на Европската комисија кој го разгледуваше комисијата со која претседавате“,
го прашуваат Милошоски од невладината.
Во обраќањето до Милошоски, од иницијативата прашуваат како заложбите за европска интеграција се усогласуваат со давањето политичка тежина на актери чии наративи Европската комисија ги препознава како проблем. Дополнително, тие бараат тој јавно да го соопшти својот став за предложените законски измени за заштита на жените од насилство и да појасни какви чекори ќе преземе за нивно усвојување.
„Милошоски, ги препознавате ли во извештајот наративите на оние што јавно ве пофалија? Зошто продолжувате да ги поддржувате истите екстремистички религиозни групи?“,
додаваат од невладината.
Европските вредности се докажуваат преку политички одлуки и конкретни постапки, порачуваат од Мрежата за заштита од дискриминација и инсистираат на јавни одговори и политичка одговорност.
„Одговорете им јавно на семејствата на убиените жени. Седум фемициди во 2026 година, а измените за заштита од насилство поднесени на 26 август сè уште чекаат. Милошоски, јавно ве прашуваме дали предлог измените на Законот за заштита и спречување од насилство, подготвени од Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи и експертите, за вас е премногу ‘прогресивен’ и вие лично го блокирaтe?“,
прашуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Покрај Милошоски, на „Ѕидот на срамот“ на невладината веќе се најдоа претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателката на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите Жаклина Пешевска.
- Мрежата за заштита од дискриминација го прозва Гаши: Кога законските измени за заштита на жените ќе дојдат на дневен ред?
- Мрежата за заштита од дискриминацијата го прозва и Тошковски на „ѕидот на срамот“: Каде се измените на осум закони за заштита на жените?
- Зошто законските измени против насилството врз жените сè уште се заглавени? – Мрежата за заштита од дискриминацијата ја прозва Пешевска
На почетокот на кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“, претставници на три невладини организации – Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација повикаа итно усвојување на предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.
Според нивните предупредувања, дел од пратениците, под влијание на антиродовите движења, го блокираат процесот со цел постојниот предлог да се повлече и да се отвори нов во кој ќе бидат изоставени термините „род“, „родово базирано насилство“ и „родов идентитет“, по примерот на последните законски измени во образованието.
