Од партиите бараат да има одговорност за стореното

СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија го осудија сквернавењето на државното знаме во Гостивар и побараа од надлежните институции да го расчистат случајот, да ги идентификуваат сторителите и да постапат согласно законите.
Од СДСМ велат дека сквернавењето на државното знаме е навреда за сите граѓани и чин против државата што мора да биде санкциониран. Од партијата бараат Министерството за внатрешни работи веднаш да го расчисти случајот и да има одговорност за стореното.
„Поделбите во општеството коишто ги создава криминалната власт на ВМРО и ЗНАМ, заради свои партиски интереси, постојано создаваат проблеми и генерираат кризи“,
се наведува во соопштението на СДСМ.
Од опозициската партија додаваат дека граѓаните ги препознаваат намерите на власта и нема да дозволат тензии, туку ќе продолжат да ја градат Македонија како мултиетничка земја со взаемна почит.
И ВМРО-ДПМНЕ најостро го осуди симнувањето и сквернавењето на државното знаме во Гостивар, посочувајќи дека тое е државен симбол и секое непочитување кон него треба веднаш да биде санкционирано.
„Ваквиот однос на поединци во општеството создава поделби, а не сплотување“,
наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ од каде ги повикуваат надлежните институции да постапат и да ги идентификуваат сторителите.
Осуда за случувањата упати и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Од партијата оценуваат дека симнувањето и сквернавењето на државното знаме на плоштадот во Гостивар претставува непочитување кон државните симболи, институциите и државата.
Во соопштението ЗНАМ нагласува дека македонското знаме не е симбол на една политичка партија или на една етничка заедница, туку државен симбол на Република Македонија, на македонскиот народ и на сите заедници што живеат во државата.
Од Движењето посочуваат дека почитувањето на правото на секоја заедница да ги негува сопствените традиции, култура и национални симболи не може да биде изговор за непочитување на државните симболи.
Според ЗНАМ, прославувањето на Денот на албанското знаме без соодветно истакнување на македонското државно знаме претставува непочитување на државниот поредок и постапување спротивно на законските одредби за употреба на знамињата.
Од партијата реагираат и на, како што наведуваат, дивеењето по улиците, насилничкото однесување и нарушувањето на јавниот ред и мир во градовите, оценувајќи дека ваквите постапки не прилегаат на достоинствено и цивилизирано одбележување на празник.
„Празниците треба да бидат повод за славење, меѓусебно почитување и градење соживот, а не за провокации, инциденти и демонстрација на непочитување кон државата“,
се наведува во соопштението.
ЗНАМ очекува надлежните институции без одлагање да ги расчистат настаните во Гостивар, да ги идентификуваат сторителите и да постапат согласно законите, без селективност и политички калкулации.
Реакциите на партиите доаѓаат откако на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како едно лице го симнува државното знаме од пред општинската зграда во Гостивар, а потоа со уште едно друго лице го туткаат и го фрлаат на земја.
Од полицијата рекоа дека бил извреш увид на местото и оти се преземаат мерки за негово расчистување.
Потоа од Општина Гостивар реагираа на информациите пренесени во јавноста за отстранување на државното знаме, посочувајќи дека знамињата пред општинската зграда и во центарот на градот се поставени и не се отстранети.
