Меѓу загинатите чиј идентитет досега е објавен е и десетгодишна пливачка на спортскиот клуб Фенербахче од Истанбул и нејзината мајка
Причините за пожарот засега не се познати, но гувернерот на Болу, Абдулазиз Ајдин изјавил дека првичните извештаи сугерираат дека тој избувнал во делот на ресторанот на четвртиот кат на хотелот и се проширил на горните катови
Најмалку 76 загинати е новиот смртен биланс од пожарот кој избувна во што избувна денеска рано наутро во хотел во турскиот ски-центар Болу, јавуваат светските медиуми повикувајќи се на извештаите на локалните власти.

Пожарот избувнал додека во хотелот „Гранд Картал“ престојувале 234 лица.
Првичниот биланс од 10 загинати значително се зголеми во наредните неколку часа по пожарот, во кој најмалку две лица ги загубиле животите скокајќи од прозорците.
На противпожаните екипи им биле потребни 12 часа за да се справат со огнената стихија, а во рамките на истрагата досега се уапсени девет лица, меѓу кои и сопственикот на хотелот, пренесува Би-би-си, повикувајќи се на изјава на министерот за правда на Турција , Јилмаз Тунч.
Индентитетот на сите 76 загинати допрва треба да биде потврден, но меѓу оние чиј идентитет досега е објавен е и десетгодишната пливачка на спортскиот клуб Фенербахче од Истанбул, Ведија Нил Апак и нејзината мајка Ферда.
Од клубот преку објава на Инстаграм соопштиле дека веста ја примиле со длабока тага.
Меѓу загинатите е Еслем Ујаник, млад готвал во хотелот, како и Церем Јаман Доган, ќерка на познат локален бизнисмен и нејзината 17-годишна ќерка Лалин.
Недим Туркмен, кој пишувал за весникот „Созчу“, неговата сопруга Ајше Нева и нивните две деца на возраст од 18 и 22 години, исто така биле меѓу идентификуваните жртви. Меѓу загинатите е професорот Атакан Јалчин, кој бил декан на бизнис школата на Универзитетот „Озиегин“, како и 24-годишната Дилара Ерманоглу, чиј таткот кој отишол да ја бара во Болу бил хоспитализиран поради срцев удар, наведува Би-би-си.
Турскиот министер за здравство, Кемал Мемишоглу соопшти дека од 51 повредено лице, едно е хоспитализирано на интензивна нега, а 17 лица по извршените прегледи се пуштени дома.
На снимките од пожарот кои беа објавени во Турција, можеле да се видат ткаенини како висат од прозорците на хотелот, а кои ги користеле луѓето во обид да избегаат од запалената зграда.
Причините за пожарот засега не се познати, но гувернерот на Болу, Абдулазиз Ајдин изјавил дека првичните извештаи сугерираат дека тој избувнал во делот на ресторанот на четвртиот кат на хотелот и се проширил горните катови.
Ајдин додал дека поради растојанието меѓу хотелот и градот Болу, како и поради временските услови и ниските температури на противпожарните возила им бил потребен повеќе од еден час за да стигнат до објектот. Службите за итни случаи, како што се наведува, испратиле 267 работници на локацијата.
Според министерот за внатрешни работи, во хотелот имало два излези во случај на пожар, а еден од хотелските работници изјавил дека успеале да спасат 30 до 35 луѓе.
Министерот за правда Јилмаз Тунч, изјавил дека обвинителите веќе ја почнале истрагата која треба да ги утврди причините за пожарот.

Во хотелот последен пат инспекција била изврешена минатата година и според министерот за туризам немало загриженост за опасност од пожар се до денешната катастрофа.
Сепак од Сојузот на комори на турски инженери и архитекти (ТММОБ) соопштиле дека според прописите во хотелот бил потребен автоматски систем за гасење пожар.
„На фотографиите на веб-страницата на хотелот се гледа дека системот за автоматско прскање, кој требало да биде поставен во 2008 година, не е инсталиран“,
се вели во соопштението на синдикатот, пренесува Би-би-си.
Се додава и дека сè уште не е јасно дали биле почитувани и другите прописи, но врз основа на изјавите на преживеаните, постојат сознанија дека системите за откривање и предупредување не функционирале и рутите за бегство не можело да бидат утврдени.
Планината Болу е популарна кај скијачите од Истанбул и главниот град Анкара. Северозападниот град Болу се наоѓа на околу 170 километри од Анкара.