Стефан Јанев, сепак, изразува подготвеност на Владата да продолжи со дијалогот по ова прашање, вклучително и на ниво на ЕУ
Категорично е невозможно да се отстапи од позицијата за Северна Македонија, формирана со Декларацијата на Националното собрание, вели во интервју што вечерва го пренесува БГНЕС привемениот премиер на Бугарија Стефан Јанев.
Без парламент, нашата земја не може да ја промени својата позиција, истакна тој. Во исто време, изрази подготвеност на Владата да продолжи со дијалогот по ова прашање, вклучително и на ниво на ЕУ.
Премиерот, како што пренесува БГНЕС, ја потврди позицијата на Бугарија во врска со разговорите за пакетот на ЕУ со С Македонија и Албанија.
Со слични позиции, Јанев настапил и во интервју за емисијата „Панорама“ на Бугарската национална телевизија, коментирајќи за последниот развој на односите меѓу Софија и Скопје, по посредништвото на португалското претседателство со ЕУ.
Како што пренесува МИА од Софија, Јанев повтори дека бугарската позиција е оформена со Деклрација на парламентот и останува непроменета, но оти се подготвени за дијалог за изнаоѓање решение за проблемот.
„Ние сме подготвени за неформални разговори и да почнеме практична работа на теми што можат да станат дел од патоказот за излез од ситуацијата, бидејќи Бугарија ја поддржува европската иднина на Северна Македонија и Албанија во пакет“,
истакна Јанев.