Коалицирањето со социјалдемократите ќе го продолжат и повеќето „стари партнери“, меѓу кои е ЛДП, но и ДПТ која во 2018 година ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ
Вкупно 14 кандидати за пратеници за претстојните избори номинираше Беса, на вечерашниот состанок на Централното собрание на партијата во Тетово.
Лидерот на Беса Билал Касами е номиниран за пратеник во шестата изборна единица, каде што се очекува тој да биде и носител на листа на коалицијата предводена од СДСМ. За оваа изборна единица, Беса излезе со дури девет номинации за заедничката листа со СДСМ, која треба да брои вкупно 20 кандидати. Покрај Касами, во оваа ИЕ е номиниран и досегашниот пратеник Фадил Зендели.
Во првата ИЕ Беса го номинира двајца кандидати, меѓу кои е и потпретседателот на партијата Кастриот Реџепи. Двајца кандидати се предложени и за „двојката“, меѓу кои е Басри Бајрами, поранешен градоначалник на Арачиново од редовите на Нова демократија – партијата што ја предводеше Имер Селмани. Во петтата ИЕ единствена кандидатка е Мелинда Решиди.

Двоецот на чело на СДСМ – Зоран Заев и Радмила Шекеринска, на денешната прес-конференција, најавија дека вечерва ќе приврши процесот на селекција на партиските кандидати. Најавија и машко-женски тандеми на чело на листите, како и рамноправна родова застапеност на кандидатите.
За рзлика од првите избори по формирањето на партијата, кога Беса настапи самостојно и освои пет пратенички места, таборот на Билал Касами, овој пат, најверојатно, ќе биде единствен нов партнер на СДСМ. Во меѓувреме дел од досегашните партнери потврдија дека и за овие избори остануваат во коалиција со социјалдемократите.
Членовите на Централниот одбор на ЛДП, синоќа, донеле одлука да одат заедно со СДСМ, иако претходно имаше најави за можен самостоен настап, доколку се воведе моделот со една изборна единица. Либералдемократите оцениле дека досегашната долгогодишна коалиција со СДСМ е успешна и дека во наредниот период треба да се заокружат реформите.
Заедно со СДСМ овој пат ќе оди и Демократската партија на Турците, која едно време беше во коалаиција со ВМРО-ДПМНЕ. Во јуни 2018 година, единствениот пратеник на ДПА, Јусуф Хасани премина во колаиција со СДСМ. Од оваа партија е и заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, кој раководи со овој ресор по разрешувањето на Рашела Мизрахи.