Ќе поднесеме пред граѓански суд тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес поради недостиг на учебници. Во тој случај Комисијата ќе е една странка од спорот и започнува со стратешко застапување на интересите на учениците. Нивен интерес е да добиваат квалитетно образование, а тоа значи учебник по секој наставен предмет, во секое одделение и на секој јазик на кој се одвива наставата, вели претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Весна Бендевска
Недостигот на учебници е случај на структурна дискриминација затоа што е зафатена голема популација. Повеќе од една третина од учебниците, во различни одделенија, недостасуваа на 1. септември. Тоа во бројки е од вкупно 123 потребни учебници недостасувале 46, вели претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Весна Бендевска.
Поради тоа, Бендевска рече дека Комисијата утврдила дека кога не постои учебник како основно средство за изведување наставно-образовен процес, тие ученици немаат еднаков пристап до квалитетно образование во споредба со оние што имаат учебници и подготвува тужба за заштита од дискриминација против Министерството за образование и наука.
„Комисијата донесе одлука и таа се спроведува. Од она што го констатиравме во своето работење ќе поднесеме пред граѓански суд тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес заради недостиг на учебници. Во тој случај Комисијата ќе е една странка од спорот и започнува со стратешко застапување на интересите на учениците. Нивен интерес е да добиваат квалитетно образование, а тоа значи учебник по секој наставен предмет, во секое одделение и на секој јазик на кој се одвива наставата. Тужена ќе биде државата, односно Министерството за образование и наука (МОН). Тужбата ја подготвуваме и ќе ја поднесеме заедно со нашите стратешки партнери, Македонското здружение на млади правници“,
изјави Бендевска.
Одлуката да поднесат тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против МОН, Комисијата ја донесе на седница на 5. септември. Тогаш претседателката Бендевска рече дека тоа е прв случај Комисијата да побара судска заштита како највисока заштита од дискриминација.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во соработка со ОБСЕ денеска во Струга ги информираа граѓаните на кој начин можат да поднесуваат претставки доколку се дискриминирани од органите на државната управа или приватни субјекти.
Бендевска информира дека видливо се зголемува бројот на претставки до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, што е и еден од индикаторите дека граѓаните се здобиваат со доверба во работата на Комисијата.
„Оваа година до крајот на септември Комисијата работеше на околу 430 претставки за разлика од лани, кога вкупниот број на претставки за 12 месеци беше 320. Еклатантно се зголемува бројот на претставки, кои се поднесуваат пред Комисијата“,
рече Бендевска.
Таа рече дека Комисијата работи и на неколку други случаи на структурна дискриминација, како необезбедувањето бесплатен превоз на студентите и средношколците од приватните гимназии и факултети.
Од Министерството за образование и наука, во тогашната реакција одговорија дека активностите за изработка на учебниците согласно важечката наставна програма се почнати навреме, а дека нивната изработка е комплексен процес кој зависи од повеќе фактори независни од системското влијание.
Најавите од МОН беа дека доставата на учебниците ќе биде кон крајот на септември, а шестоодделениците не ги добија. Министерот Јетон Шаќири во понеделникот најави дека од тој ден е почната доставата и оти таа ќе трае до крајот на оваа недела.
Тој во понеделникот извести дека овој септември биле доставени повеќе од 80 отсто од учебниците во училиштата. Првпат, според него, по десет години се доставуваат учебници во гимназиското образование, а по повеќе од 13 години достава има и во стручното образование.