Амбасадорот на Белорусија при ЕУ, Александр Михневич, е повикан во седиштето на европската дипломатска служба во знак на протест поради приведувањето на опозиционерот Роман Проташевич.
На барање на шефот на ЕУ дипломатијата, Жосеп Борел, белорускиот амбасадор денеска се сретна со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи, Стефано Санино. Европската Унија на амбасадорот му пренела дека приведувањето на Проташевич е неприфатливо, како и присилното слетување на авионот во Минск каде се наоѓал белорускиот опозиционер.
„Амбасадорот Михневич беше информиран за острата осуда на институциите на ЕУ и земјите членки за присилниот чин со кој белоруските власти ја загрозија безбедноста на патниците и екипажот“,
се вели во соопштението на европската дипломатска служба.
ЕУ смета дека ова е уште еден обид на Минск да ги замолчи опозициските гласови и побара веднаш да биде ослободен Проташевич.
Темата ќе биде на дневниот ред на шефовите на држави и влади кои се состануваат вечерва и утре во Брисел на вонреден самит.