Разговаравме директно, во четири очи, на многу високо ниво со Кремљ. Секоја употреба на нуклеарно оружје ќе има катастрофални последици за Русија – порача советникот за национална безбедност на Џо Бајден
САД и сојузниците ќе одговорат одлучно доколку Русија употреби нуклеарно оружје во Украина, изјави советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џејк Саливан, во интервју за американската мрежа Си-би-ес.

„Разговаравме директно, во четири очи, на многу високо ниво со Кремљ. Секоја употреба на нуклеарно оружје ќе има катастрофални последици за Русија. САД и нашите сојузници ќе одговорат многу одлучно во тој случај. Бевме многу јасни и прецизни што носи тоа со себе“,
рече советникот на претседателот Џо Бајден.
Трас: Да не ги слушаме лажните закани на Путин

Британската премиерка Лиз Трас, пак, на истата тема изјави дека западните сојузници не треба да го слушаат ѕвечкањето со оружје на рускиот претседател Владимир Путин откако тој нареди делумна мобилизација и навести можен нуклеарен конфликт.
„Не треба да го слушаме неговото ѕвечкање и лажни закани. Наместо тоа, треба да продолжиме да воведуваме санкции кон Русија, како и да ги поддржуваме Украинците“,
рече таа во интервју за Си-ен-ен.