Според рускиот министер за надворешни работи, западните сили „не се двоумат да ја објават својата намера не само да и нанесат воен пораз на (Русија), туку и да ја уништат“
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го обвини Западот за „русофобија без преседан“.
„Официјалната русофобија на Запад е без преседан, а нејзините размери гротескни“, рече Лавров во својот говор на 77. годишна сесија на Генералното собрание на ОН. Според него, западните сили „не се двоумат да ја објават својата намера не само да и нанесат воен пораз на (Русија), туку и да ја уништат“.

Лавров иронизираше со осудата на Западот на т.н. референдуми за приклучување кон Русија одржани во украинските региони под руска контрола и особено ги критикуваше САД.
„Со тоа што се прогласи за победник во Студената војна, Вашингтон речиси се издигна во Божји гласник на Земјата, без никакви обврски, но со свето право да дејствува неказнето секаде и кога било“,
рече рускиот министер за надворешни работи.
Тој ги обвини САД дека се обидуваат да го претворат целиот свет во свој „заден двор“.
Лавров ги бранеше „референдумите“ на украинските територии окупирани од Русија, велејќи дека локалните жители си ја враќаат „земјата каде што нивните предци живееле стотици години“.
„Денеска се одлучува за иднината на светот“, порача рускиот министер за надворешни работи.
Според него, големото прашање е дали ќе има „еден хегемон на чело“, мислејќи на САД. САД и нивните сојузници, а не Русија, како што тврди Западот, агресивно го поткопуваат меѓународниот систем претставуван од ОН, рече тој.