Граѓаните нема да имаат зголемени сметки од 1 јануари, а компаниите најверојатно ќе имаат намалени сметки, изјави денеска министерот
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска излезе со изјава дека нема да има поскапување на струјата за домаќинствата од 1 јануари 2023 година, како и дека за компаниите што се мали потрошувачи можно е да има намалување на сметките.
Ова министерот го најави одговарајќи на новинарски прашања кога објаснуваше дека ТЕЦ „Неготино“ не се става во функција зашто во моментов е поисплатливо да се увезе струја отколку да се произведува.
„ТЕЦ ‘Неготино’ ќе работи во моментот кога тоа ќе биде исплатливо за граѓаните. Зошто го кажувам тоа? Ако ја земеме предвид цената на мазутот моментално, цената на производство на електрична енергија по мегават-час од страна на ТЕЦ ‘Неготино’ излегува некаде 240-245 евра. Ако увеземе електрична енергија, веќе претходната недела увезувавме со 205 евра за мегават-час. Зборувам за просечна цена, не за дневна. Моментално поевтино е да увеземе отколку да работи ‘Неготино’. Во моментот кога ќе биде спротивно, веднаш ‘Неготино’ ќе се вклучи во работа. Имаме резерви на мазут и веќе се прават сите подготовки за во континуитет да може да се стави во употреба во текот на грејната сезона. Граѓаните да бидат спокојни, сите подготовки се направени, во континуитет ќе бидат снабдувани со електрична енергија. Се прават калкулациите од 1 јануари да нема зголемување на цената на електрична енергија за домаќинствата, а најверојатно би имало намалување за малите потрошувачи“,
рече Бектеши.
Одговарајќи на дополнително прашање за увозот на струја, тој даде уште едно уверување дека нема да има поскапување по Нова година.
„Ако мислите дека треба да произведуваме струја со повисока цена, во ред, тоа ќе го направиме, нема да увеземе и на таков начин нема да го штитиме буџетот. Носиме одлуки и за заштита на буџетот и граѓаните непречено да бидат снабдувани со електрична енергија и тоа ќе трае до крајот на грејната сезона, како за електричната енергија така и за топлинската енергија и граѓаните нема да имаат зголемени сметки од 1 јануари, а компаниите најверојатно ќе имаат намалени сметки. Ова е доволно и ексклузивно за вас“,
им рече Бектеши на новинарите.
Во изјавите изминатиот период, министерот првично најавуваше дека струјата нема да поскапи, а потоа исто како и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, најави дека ќе има само минимално поскапување.