Управниот суд во март донел одлука за враќање на предметот на повторно одлучување, по жалба на компанијата концесионер, со која Владата лани го раскина договорот за експлоатација на руда на Огражден
Министерството за економија ќе ја разгледа одлуката на Управниот суд со која го врати на повторно одлучување предметот за рудникот Иловица и во рамки на роковите ќе поднесе жалба бидејќи смета дека одлуката на Владата за раскинување на договорот за концесија со компанијата „Еуромакс ресорис“ е во согласност со законите во државава, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

„Јас пред неколку дена бев известен од Секторот за минерални суровини дека има таква одлука. Ние ги почитуваме одлуките на судовите во земјава и во зависност од процедурите ќе ја разгледаме одлуката на Управниот суд и ќе се жалиме бидејќи сметам дека одлуката за раскинување на договорот е во согласност со законите“,
рече Бектеши на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Управниот суд пред неколку дена ја објави одлуката за овој случај, со која предметот го врати на повторно одлучување поради процесни неправилности, додека за главната работа по предметниот спор постапката е во тек.
Фирмата поднесе тужба до Управниот суд откако второстепената државна комисија во управна постапка ја одби жалбата на компанијата „Еуромакс рисорсис“ на одлуката на Владата од лани со која беше раскинат договорот за концесија за експлоатација на металични минерални суровини на концесискиот простор на планината Огражден.
ДОМ и Здружението „Здрава котлина“ од Струмица реагираа зошто Управниот суд не ја објавил пресудата за Иловица која е донесена на 31 март, но од Судот укажуваат дека рокот од 15 дена за оваа одлука почнува да тече од денот на престанувањето на вонредната состојба.