Сите одлуки кои се донесени се засновани на конкретни членови во Законот за трговија кои се децидни и јасно одредуваат какви мерки може да носи Владата на предлог на Министерството за економија, рече министерот за економија, посочувајќи дека дел од компаниите што не ја почитуваат одлуката за продажба на бел и полубел леб по цена од 33 денари веќе се казнети од Државниот пазарен инспекторат
Бектеши соопшти и дека во Министерството за економија се прават анализи за замрзнување на цените и на други основни прехранбени производи
Секој има право да тужи, ова е демократска држава, но отстапки нема да има, рече министерот за економија Крешник Бектеши во вечерашното гостување во „Тема на денот“ во дневникот на ТВ Сител. Изјавата на Бектеши се однесува и е одговор на најавата на мелничко-пекарската индустрија дека одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот на 33 денари е незаконска и дека битката против одлуката ќе ја водат на правна основа.

Според Бектеши, сите одлуки кои се донесени се засновани на конкретни членови во Законот за трговија кои се децидни и јасно одредуваат какви мерки може да носи Владата на предлог на Министерството за економија.
Раководството на здружението на пекарско-мелничката индустрија, од каде што стигнаа најавите за тужба, според министерот за економија, ја нема поддршката на своите членови.
„Имаме доставени дописи од страна на чесни стопанственици кои произведуваат леб во рамки на нивното здружение како им прават притисоци дека ќе бидат црни овци ако произведуваат леб од 29 и 30 денари, а тоа го прават од лични интереси. Оние кои го предложија овој бојкот имаат личен интерес и голем удел од пазарот“,
рече министерот.
Дел од компаниите што не ја почитуваат одлуката за продажба на бел и полубел леб по цена од 33 денари веќе се казнети од Државниот пазарен инспекторат, посочи министерот.
„Инспекциите на терен ќе продолжат да проверуваат. Се работи за 4-5 компании. Вакви нечесни стопанственици не треба ниту да работат во државата и да не се занимаваат со овој бизнис. Сите овие компании според податоците од финансиските извештаи за 2022 година имаат зголемени профити, ние сме сите да работат успешно, но тоа да не биде на грбот на граѓаните“,
кажа Бектеши.
Тој ја повика опозицијата што побрзо да се донесе Законот за солидарност каде што се вклучени сите компании кои направиле големи профити во државата и да плаќаат дополнителни даноци кои се до 30 отсто од добивката.
“Ја повикувам опозицијата да не го блокира овој закон“,
повика министерот.
Според него, главно барање на компаниите од прехранбената индустрија беше да имаат субвенционирана струја што ќе влијае на намалување на цените, и Владата веднаш им излезе во пресрет.

„Сами кажаа дека ќе има намалување на цените до 12-13 проценти. Кај некои од компаниите имаше намалување на цените, но најголемите, кои го покриваат најголемиот дел на пазарот, немаа намалување на цената на производите и сакаа да профитираат од субвенционираната струја од Владата“,
рече Бектеши, додавајќи дека како резултат на ова Владата одлучи да ја укине субвенционираната струја за нив.
Министерот за економија истакна дека додека е ова раководство во Министерството за економија, овие компании нема да можат да имаат средба со нив бидејќи, како што кажа, „дента кога ја најавија мерката, истите ја прекршија додека работеа на црно“.
Бектеши соопшти и дека во Министерството за економија се прават анализи за замрзнување на цените и на други основни прехранбени производи.
“Сите производи кои се наведени во одлуката за ограничување на маржата се анализираат. Во моментов конкретно се анализираат цените на тестенините и на млечните производи и најверојатно до крајот на следната недела ќе видиме што ќе покаже анализата и ќе донесеме соодветни одлуки“,
рече министерот.
Групацијата на мелничко-пекарската индустрија денеска соопшти дека донела одлука од утре да прекине со штрајкот и да почне да произведува и да доставува бел и полубел леб по замрзната цена од 33 денари. Сепак, како што изјави претседателот на Групацијата, Горан Малишиќ, тоа не значи и дека се согласуваат со одлуката и најави дека битката против неа ќе ја водат преку правни механизми.