Тој нагласи дека од утре ќе има леб од 33 денари и дека ќе ја почитуваат владината одлука и уште еднаш повтори дека правно ќе ја водат битката за надомест на штетата што им се нанесува
Групацијата на мелничко-пекарската индустрија донесе одлука од утре да прекине со штрајкот и да почне да произведува и да доставува бел и полубел леб по замрзната цена од 33 денари. Од друга страна, битката против владината одлука, како што соопшти претседателот на Групацијата Горан Малишиќ, ќе ја водат на правна основа.
„Пекарската индустрија е жртва на безумието и одлуките што се носат се на штета на пекарската индустрија. Одлуките што Владата ги донесе прават огромни штети и загуби на индустријата на месечно ниво кои се во износ од над 1,5 милиони евра. Поради наметнатите загуби, пекарската индустрија е принудена да се приспособи и да ги намали цените за одредени видови леб, но и да намали на бројот на вработени за да опстане во иднина. На овој начин индустријата во наредните три месеци, ако остане одлуката само за три месеци, ќе бара начин да опстане. Владата, како и пред носењето на одлуките така и по нивното носење, повеќе е од очигледно дека нема чувство за новонастаната ситуација и притоа е свесна дека со ваквите популистички мерки уништува стратегиска индустрија. Доколку оваа одлука помине сега во делот на производството на леб, тогаш истото ќе се случи и со остатокот на прехранбената индустрија, за што веќе сведочат и денешните изјави на премиерот дека се планира замрзнување на цените на производите и на други производи“,
рече Малишиќ по денешниот состанок на членовите на Групацијата откако Владата донесе одлука со која ги обврза трговците и производителите на леб да обезбедат леб по замрзната цена.
Тој истакна дека се во интензивни консултации со правници бидејќи владините одлуки се незаконски и неуставни.
„Спротивно на одлуката се потврдува со записниците од инспекторатите дека од 1 декември па сè до крајот на февруари се почитуваат сите мерки и претходните одлуки што Владата ги донела. По ова основа, пекарската индустрија здружено ќе започне правна постапка со цел наплата на штетата, односно загубата што Владата ѝ ја нанесе на индустријата со носењето на одлуките. Штетата до 31 мај ќе изнесува над 4,5 милиони евра. Битката за заштита на индустријата ќе продолжи на правна основа“,
рече Малишиќ.
Тој нагласи дека од утре ќе има леб од 33 денари и дека ќе ја почитуваат владината одлука и уште еднаш повтори дека правно ќе ја водат битката за надомест на штетата која им се нанесува.
„Пекарите донесоа одлука од утре да почнат со производство и испорака на одредени видови на леб, бел и полубел, зависно според можностите на секоја пекарница за да може да им се излезе во пресрет на потрошувачите, но и да се опстане во периодов на погрешни одлуки што ги нанесува Владата. Во следната недела ќе почнеме интензивни консултации за правна постапка“,
додаде тој.
На прашањето колку чини еден леб, Малишиќ немаше конкретен одговор.
„Секоја компанија си има свои пресметки во зависност од големината, од вработените. Никој не може да тврди колку чини еден леб. Ако е така, сите ќе отворат пекарници и ќе мислат дека има профит. Тоа компаниите може да ви кажат, има вработени по 200, 300, 400… прават разни лебови, лебовите не чинат исто ако се бел или полубел, квалитетот е различен, пакувањата се различни, дистрибуцијата е различна, резервите се различни. Значи нема одговор на таквото прашање“,
посочи тој.
На новинарско прашање колку компании не испорачуваат леб во продавниците, Малишиќ рече:
„Видете, тука сите беа согласни. Малите пекарници кои не беа присутни и некои што не се согласуваа, тоа е право на секого, почнаа да испорачуваат. Останаа пекарниците што не испорачуваат, што донесоа одлука и останаа на тоа. Колку компании во бројка не можам да кажам, има многу мали и по градовите што не произведуваат леб, има и големи што не произведуваат. Има и што произведуваат. Така што, тоа е тоа. Не се сите членки на здружението“.
На прашањето како е можно на пекарите во Штип да им се исплати, а во Скопје да не им се исплати да продаваат леб за 33 денари, Малишиќ им порача на новинарите да ги прашаат нив.