Актуелниот и поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД) ги освоија речиси сите гласови во сојузните држави Џорџија, Мисисипи, Вашингтон и Хаваи
Актуелниот претседател на САД, Џо Бајден, и неговиот претходник на функцијата, Донанлд Трамп, вчера и официјално ги обезбедија претседателските номинации на Демократската, односно на Републиканската партија откако ги однесоа одлучувачките победи на прелиминарните избори во сојузните држави Џорџија, Мисисипи и државата Вашингтон, јавуваат светските медиуми. Со заокружувањето на овој процес трката за Белата куќа влегува во нова фаза.
На партиските избори Бајден освои повеќе од 1 968 делегати што му беа потребни и формално да ја обезбеди претседателската номинација од таборот на демократите, додека Трамп освои најмалку 1 215 делегати потребни за републиканската номинација.
Кандидатурата на актуелниот американски претседател, како што јавува „Гласот на Америка“, ќе биде официјализирана на конвенција на демократите во Чикаго во август, а на Трамп на конвенција во Милвоки еден месец претходно.
Според американскиот изборен процес, делегатите им се доделуваат на кандидатите за претседател врз основа на резултатите од партиските избори во одделни држави. За да ја обезбеди номинацијата, кандидатот мора да има одреден број делегати кои потоа формално се изјаснуваат на партиските конвенции.
Бајден во трката за претседателската номинација немаше сериозен ривал и покрај неговата мала популарност и загриженоста кај гласачите поради неговата возраст. Некои од поддржувачите на демократите, исто така, протестираа и поради поддршката на американскиот претседател за Израел во војната против Хамас во Газа.
Сепак, неговите сојузници се надеваат дека тој на изборите ќе ја добие поддршката од базата на демократите и од независните гласачи кои стравуваат од од повторно враќање на Трамп на највисоката функција во САД.
Бајден својата трка за втор мандат ја претстави како борба за слобода, како во САД така и во странство. Тој својата поддршка за Украина и заложбите за проширување на НАТО ги претстави како спротивност на, како што посочуваше во досегашната фаза од трката за претседател, пофалбите на Трамп за рускиот претседател Владимир Путин и неговите пораки со сугестии дека нема да има ништо против Русија да ги нападне земјите членки на НАТО кои не ги исполнуваат своите финансиски обврски кон Алијансата.
„Соочени сме со отрезнувачка реалност. Слободата и демократијата се загрозени овде во Америка како никогаш досега од Граѓанската војна. Доналд Трамп води кампања на незадоволство и одмазда што ја загрозува самата идеја за Америка… Верувам дека Американците ќе изберат да продолжат да се движат кон иднината“,
рече Бајден во изјавата по обезбедувањето на номинацијата.
Тој истакна оти му е чест што ја добил втората претседателска номинација на демократите.
„Чест ми е што повторно ми верува широката коалиција на гласачи што ја одразува богатата разновидност на Демократската партија низ целата земја да ја предводам нашата партија и нашата земја во време кога заканата од Трамп е поголема од кога било“,
кажа Бајден.
Прелиминарните избори на Републиканската партија вчера, исто така, имаа очекуван исход, особено откако единствената ривалка на Трамп, поранешната гувернерка на Јужна Каролина, Ники Хејли, минатата недела се повлече од трката.
По вчерашните избори во четири држави, меѓу кои и Хаваи, веќе нема сомнеж дека Бајден и Трамп повторно ќе бидат во трката за претседател на изборите на 5 ноември, кои ќе бидат први од 1912 година на кои ќе се соочат двајца претседатели на САД, пренесува Асошиејтед прес (АП).
Покрај тоа, по првпат од 1956 година исти кандидати се во два изборни циклуси. Тогаш републиканскиот претседател Двајт Ајзенхауер по вторпат го победи поранешниот гувернер на Илиноис од редовите на демократите, Адлај Стивенсон.
Пред изборите вчера, Трамп призна дека Бајден ќе биде кандидат на демократите и повторно го нападна поради неговата возраст.
„Претпоставувам дека тој ќе биде кандидатот. Јас сум неговиот единствен противник, освен самиот живот“,
изјави Трамп за Си-ен-би-си.
На митингот во Џорџија тој ги повтори тврдењата дека изборите во 2020 година наводно биле украдени и го нападна Бајден дека не успеал да го спречи протокот на мигранти на границата со Мексико. Инаку, прашањето за имиграцијата е централна тема во кампањата на Трамп која, според медиумите, наидува на добар одзив кај неговите поддржувачи.
И додека двајцата кандидати се обидуваат да ги придобијат американските гласачи, истовремено се соочуваат со многу проблеми.
Против Трамп беа покренати четири обвиненија со вкупно 91 точка, меѓу другото, и за чување доверливи документи откако ја напушти функцијата претседател и се обиде да ги промени резултатите од изборите во 2020 година.
Има прашања и за неговата политика доколку победи на изборите, како и за неговите односи со некои од најопасните диктатори во светот.
Бајден, пак, се обидува да ги убеди скептичните гласачи дека се уште е физички и психички способен да ја извршува функцијата претседател. Тој се соочува и со протест од прогресивното крило на партијата поради тоа што не вложи повеќе напори за да се запре војната меѓу Израел и Хамас во Газа.
На прелиминарните избори во Џорџија, локалните политичари и верски лидери побараа од Бајден засилен ангажман за прекин на огнот во Газа.