Автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници од денеска продолжуваат да сообраќаат во две смени, од 5 до 9 часот и од 13 до 16 часот.
Како што соопштуваат од ЈСП, автобусите ќе возат по саботен возен ред, со исклучок на линиите 9, 19, 20 и 23 часот кои ќе сообраќаат по редуциран делничен возен ред.
Согласно саботниот возен ред, линијата почнува да сообраќа од 6.40 часот, па се реализираат сите термини до наведениот последен пред 9 часот односно, 7.02, 7.46, 8.08 (последен наведен термин пред 9 часот), па 12.32 (прв наведен термин од 13 часот), 13.38, 14 ч. и 14.22 (последен наведен термин пред 16).
Билетарниците во Аеродром, Ѓорче Петров, Драчево, Маџари, Бутел, билетарницата на Зелен пазар и таа во Автокоманда, кај Дирекцијата на ЈСП „Скопје“ ќе работат од 7.30 до 14 часот.
Центрите за персонализација се отворени од 7.30 до 14 часот во Карпош 2, на Бит-пазар и центарот на Транспортен центар. Услугите на ЈСП „Скопје“ може да се купат и во над сто маркети и трафики кои се дел од секундарната продажна мрежа (прегледот на локации е достапен на фејсбук-страницата на ЈСП „Скопје“) чие работно време зависи од одлуката на сопствениците на субјектите.
Новиот изменет режим на функционирање на јавниот превоз и работното време на билетарниците и центрите за персонализација ќе важат во наредниот период сѐ до новите препораки.